„Седум од седум“ за Штип УГД

25
Фото: Горан Стаменков/Штип УГД

Победничката серија во Првата лига мажи продолжува за одбојкарите на Штип УГД кои до седмиот триумф во исто толку дуели дојдоа попладнево со 3:0 (25:18, 25:18, 25:14) над Работнички 71&22 пред својата публика во салата „Јордан Мијалков“ во Штип.

Тимот на Кристијан Ристески имаш контрола над случувањата на теренот во текот на целиот натпревар, оправдувајќи ја фаворитската улога. Форсираа силен сервис домашните, што им донесе лоша статистика од дури 18 сервис грешки, но во останатите елементи, особено во нападот и блокот беа сигурни.

Предводени од Махди Задмард со 17 поени и репрезентативецот Стојан Илиев со 13 поени штипјани остануваат сигурни на лидерската позиција на прволигашката табела.

Во редовите на Работнички 71&22 Кубаневот Густаво Вера Боланос со осум поени беше најефикасен додека Миодраг Новески освои седум поени.

Штип УГД држи одличен ритам сезонава во пресрет на главните испити на домашна сцена, дуелите со Борец (3 декември) односно со шампионот Струмица (6 декември) кои ќе му бидат и последна проверка на силата во пресрет на следниот европски предизвик – италијански Милано (10 декември) во рамките од 1/16 финалето во ЦЕВ купот.

ПретходноПознати се стартните состави: Шкендија ќе ја напаѓа Дрита со Тамба, Љатифи, Спахиу…
СледноПортугалија за првпат стана светски шампион до 17 години!