Македонската кошаркарска репрезентација вечерва на домашен терен во СРЦ Кале со почеток од 19:00 часот го игра првиот од двата квалификациски мечеви во овој прозорец. Противник е репрезентацијата на Азербејџан, која што е една од пречките за наш конечен, евентуален пласман на ЕВРО 2029 година.
Македонија е дел од групата „А“ од претквалификациите за Евробаскeтот, во која освен нашата и селекцијата на Азербејџан, нашиот вечерашен противник, се уште и оние на Ирска и на Луксембург.
Лука Стојановски беше дел од тимот и во оние светски претквалификации кои ги игравме во текот на летото. Нашиот репрезентативен бек верува дека можеме да бидеме подобри:
„Верувам дека може да бидеме подобри од претходниот “прозорец“. Знам дека сите го сакаат тоа, затоа што секој играч што е тука, сака да даде повеќе и подобро од претходно“– потенцира Стојановски,
Ќе ги чека своите минути на бековските позиции на кои за овој меч Македонија ќе го има на располагање и новиот натурализиран играч, Омари Мур, но и играчи како Војдан Стојановски, Андреј Јакимовски, Стојан Ѓуроски, што значи уште посилна „предна линија“.
„Важно е да сме сплотени, и да го дадеме максимумот. Моментално имаме поискусна екипа, Војдан се врати во тимот, игра Ѓуроски, Но, мора да излеземе на терен и да бидеме на нивото. Само така можеме да дојдеме до посакуваната цел – победата“ – смета бекот на битолски Пелистер.
Натпреварот Македонија-Азербејџан ќе биде пренесуван на МРТ3, влезот за сите љубители на кошаркарскиот спорт, е слободен.
ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРОБАСКЕТ 2029
ГРУПА А
ДВОЈКИ 1. КОЛО – 27.НОЕМВРИ
19.00: МАКЕДОНИЈА – Азербејџан
19.30: Луксембург – Ирска










