На две кола пред крајот на првиот дел од сезоната во Младинската Супер лига, АП Брера има 37 бода четири повеќе во однос на градските ривали Вардар и Работнички додека Македонија ЃП е четврта со 28.
Струмичани во 13. коло што се одигра викендов како гости ја совладаа Струга Трим Лум со 1:0, а стрелец на единствениот гол беше Игор Ристов.
Работнички во неизвесен натпревар славеше во Штип, совладувајќи ја Брегалница со 4:3.
Головите за гостите од Скопје беа дело на Петар Трајановски, Беркај Шаини, Игли Хасани и Марко Стефановски додека за домаќинот прецизни беа Филип Чичев, Ненад Малинов и Петар Давитов.
Вардар беше убедлив во соочувањето со Скопје и триумфираше со 5:1. Головите за Вардар беа дело на Мартин Јанчевски, Марио Маркулев, Никола Ристевски, Христијан Јевтоски и Иво Марковски додека погодокот за Скопје го постигна Ахмед Суљковиќ.
Македонија ЃП со 4:0 го совлада соседскиот ривал Њу Старс. Сите погодоци беа постигнати во вториот дел, а во листата на стрелците се запишаа Марио Костиќ, Трајче Талевски, Марко Младеновиќ и Бесмир Исмани.
Во останатите натпревари Шкупи славеше над Тиквеш со 6:1, Охрид Лихнидос и тетовска Шкендија играа без победник 1:1, Тетекс го совлада Пелистер со 3:1 додека Арсими забележа победа од 1:0 во дуелот против Башкими.
Следната рунда во младинскиот шампионат се игра на втори и трети декември.










