Работнички во последниот натпревар од 15.коло во Првата фудбалска лига денеска гостува во Тетово и ќе ги одмери силите со Шкендија. Со оглед на позицијата на табелата и скромното бодовно салдо, за тимот од Дебар Маало секој нареден меч во првенството ќе има огромно значење во битката за опстанок.
Целта е јасна, мора да се освојуваат бодови, затоа што конкурентите се сѐ подалеку и Работнички мора да реагира.
„Се подготвувавме квалитетно за овој натпревар и очекуваме тимот да реагира позитивно. Знаеме дека гостуваме кај Шкендија, една од најдобрите екипи во шампионатот, но ние едноставно немаме друг избор, мораме да освојуваме бодови и да се обидеме да ја намалиме негативата во однос на конкурентите. Верувам дека можеме да одиграме добар натпревар“, вели тренерот Ален Тупајиќ.
Работнички се наоѓа на претпоследната позиција со седум освоени бода, додека Шкендија е третопласирана со 30 бодови.
Натпреварот во Тетово меѓу Шкендија и Работнички е закажан во 13.00 часот.















