По двете остварени победи на стартот од претквалификациите за Евробаскетот 2029, селекторот Марјан Илиевски и неговите избраници можат да бидат задоволни пред продолжението на циклусот во кој сега влегуваме со реални шанси и за првото место во квалификациската група.
„Првично, сакам да им честитам на играчите, бидејќи од една негатива и од лош почеток се вративме во втората четвртина, дури и завршивме со два поени предност за нас. Веќе од третата четвртина покажавме еден поинаков карактер каде немавме, односно не дозволувавме разлика која се правеше претходно, а изразена со десетина поени. Игравме “кош за кош“, и веќе сфативме дека целата одбрана на Ирска, нивната агресивност, која беше на граница на прекршок, одговоривме на најдобар можен начин. Имавме проблем со офанзивниот скок на Ирска во текот на целиот меч. Не натскокаа и тие поени што беа од втора шанса, вкупно 20, направија ривалот да биде во таа минимална предност претходно“, вели Илиевски.
Овие плус 12 во Даблин се навистина „голема работа“, смета Илиевски.
„Ова е голема гостинска победа. Игравме во Даблин по меч по кој бевме три дена заедно, се рехабилитиравме на тој тренинг што ни беше дозволен. Го сработивме она кое го посакувавме и среќен сум и горд на играчите, од прв до последен. Од оној што имаше најголема минутажа, до хемијата, но и до оние кои не влегоа да игра и беа со тимот. Сите си беа поддршка еден на друг“.
Тоа говори дека Македонија е на добар пат да биде успешна во овој претквалификациски циклус кој води кон пласман во наредната фаза на Евробаскетот во 2029 година.
„Не можеме да зборуваме за некаква форма од сега, за февруари. затоа што ние се собираме во краток временски период, и „прозорците“ траат една недела. Во која физичка подготовка и во која линија ќе бидат играчите во своите клубови и колку тоа ќе може да го ставиме во функција тогаш, тоа е прашање на моментот. Луксембург во првиот меч одигра одлично на стартот против Ирците, а во последните минути се решаваше победникот. Тоа говори дека таа екипа е со идентичен квалитет како овој ривал што го имавме сега. Исто е како заклучок ако го земеме в предвид и тоа како Луксембург одигра со Азербејџан. За нас најважно е здравствениот биланс да биде како што треба кога повторно ќе се собереме. Ние во овие денови се соочувавме со проблеми, односно неколку играчи имаа повреда, но пак го дадоа максимумот за Македонија. Со еден збор, се создава нешто што е позитивно. Да бидеш во колектив, каде никој не се штеди, е прв показател дека се случува нешто позитивно и дека сме на добар пат. А, сето она што ќе биде резултат на самиот терен е нешто друго“, дополнува селекторот по успешно реализираниот план во ноемврискиот ФИБА „прозорец“.










