Исламовиќ: Кустошија е вистинскиот избор, привилегија е да се соработува со менаџер како Енди Бара

72

Огнен Чак Дојчиновски

Македонскиот младински фудбал, онаков каков што е во моментов има многу што да работи на себе, за да го достигне посакуваното ниво на квалитет. Тоа е стара болка, која што новото раководство на ФФМ со силни напори се обидува да ја поправи. Тоа не оди така лесно, и затоа дел од нашите најталентирани млади фудбалери, често се мета на клубовите од други земји, најчесто од нашиот регион.

Имаме голем број на млади играчи во Црвена Звезда и Партизан, нешто во Динамо Загреб односно Локомотива Загреб, но и во периодов се поинтересниот фудбалски проект наречен НК Кустошија.

Третолигашот од Хрватска, кој прерасна во инстант сензација на меѓународно ниво, откако во своите младински категории, но и првиот тим, собра значително голем број на играчи со статус на репрезентативци на своите земји од Хрватска, но и од Европа, Африка па дури и Јужна Америка.

Сето тоа се должи на фактот што НК Кустошија функционира „под капата“ на еден од најуспешните фудбалски менаџери во светот, а несомнено најдобриот во овој дел од Европа, хрватот Енди Бара. Тоа е човекот кој што со својата агенција Ниагара направи вистински трансфер чуда, а како што и самиот вели во неколку интервјуа, потребен му е матичен клуб, база каде што неговите проект играчи ќе имаат место за развој, минутажа, и процес на фудбалслко зреење.

Да се биде дел од НК Кустошија и „Енди Бара семејството“, секако е привилегија, задоволство но и одговорност. Таму не се влегува лесно. Тоа најдобро го знае младинскиот репрезентативец на Македонија до 17. години, Фадил Исламовиќ, кој што е дел од ФК Кустошија откако со успех настапуваше за младинските категории на Њу Старс, за потоа да биде дел од фудбалската Академија на Фудбалската Федерација на Македонија две сезони, и конечно да направи трансфер во Работнички. Таму офанзивецот се задржа само шест месеци пред да замине за Хрватска.

„Бидејќи сум од Ѓорче Петров, поточно од населбата Даме Груев, природно беше да започнам во Њу Старс. Потоа и да заминам во Академијата на ФФМ, за да заиграм и за Работнички. Благодарност до сите кои во тој период веруваа во мене, работеа со мене, и со кој имав можност да напредувам доста“ – го започнува разговорот со Спортспорт, младиот Фадил Исламовиќ, еден од капитените на У17 македонската фудбалска репрезентација.

„Токму на еден од дуелите на нашиот национален тим и ме контактираа скаутите на Кустошија. И тоа интересно токму на дуел против Хрватска. Следен сум доста време, во Кустошија така функционираат нештата. Сериозен скаутинг, на фудбалските и човечките особини на еден играч“ – ни вели Исламовиќ

„Десетката“ како награда но и како одговорност

„Секако дека не е лесно да се преселиш во друга држава, да промениш клуб. Ја имам таа среќа што и моето семејство се пресели во Хрватска заедно со мене, па прилагодувањето ми е полесно од вообичаеното. Одлично сум прифатен, нема на нешто на што би се пожалил, напротив. Од менаџмент на клубот, преку тренери, соиграчи, сите широкоградо ме прифатија. Ми ја дадоа и „десетката“ во мојата генерација… се е супер засега“ – вели Исламовиќ па самиот се надоврзува на поставеното прашање.

Томислав Бутина како директор, ментор…..

„Директор на НК Кустошија е Томислав Бутина, легендарниот голман на репрезентацијата на Хрватска. Човек кој што во себе има многу искуство, фудбалско, животно, секакво… има многу што да се научи од него“  – коментира македонскиот младински репрезентативец.

Исламовиќ сеуште нема дебитирано за првиот тим на Кустошија, но тоа секако дека наскоро ќе се случи. Засега може да се пофали со полна минутажа во својата кадетска генерација, но и со силни и напорни тренинзи со постарите генерации кои што се преполни со таленирани млади играчи од секаде кои што се желни за успех. Иако во суштина НК Кустошија е третолигаш, младинските категории се натпреваруваат во највисок ранг.

Привилегија е да се познава Енди Бара…

Нормално, кога ќе се спомене ФК Кустошија, менаџерската агенција Нијагара, и се поврзано со неа, автоматски следува и прашањето дали Фадил Исламовиќ и лично го има запознаено Енди Бара.

„Да, секако дека го имам запознаено. Имавме неколку состаноци со него. Имам секако само позитивни впечатоци. Привилегија е да се соработува со таков менаџер. НК Кустошија, а и агенцијата Нијагара функционира на тој начин што ете на пример за мене и за моето семејство задолжен е неговиот брат, Дени Бара, кој што е на располагање 24 часа во денот за се што ми е потребно“ – вели Исламовиќ.

Македонскиот фудбал допрва ќе му се радува на Фадил Исламовиќ. Македонската јавност допрва ќе пишува за неговите успеси на клупско и репрезентативно ниво.

Сепак, Спортспорт не би бил тоа што е ако, премиерно не го претстави подетално ова младо, талентирано, успешно, но пред се скромно момче кое што својот фудбалски пат го оди на правилен начин и не се сомневаме дека истиот ќе го однесе до најголемите височини.

 

 

 

 

 

 

 

ПретходноНекогашен голман на ПСЖ го открива стравот од Нејмар: Бев шокиран!