Екипата на Вардар 1961 вечерва (18:45 часот) на домашен терен го пречекува Тулуз во рамките на последното коло во Европската лига. Македонскиот тим е лидер во својата група и веќе има обезбедено пласман во главната рунда, останува да ја стави „јагодата на шлагот“, победнички како лидер да ја заврши оваа фаза.
Вардар 1961 е лидер има осум бода, еден бод повеќе од Кристијанштад, додека денешниот противник е последен и нема ниту еден освоен бод.
„Добро го имаме анализирано Тулуз, треба само да го спроведеме на теренот тоа што ни го кажа стручниот штаб на чело со Иван Чупиќ и одиме на победа“, изјави Марио Стојановски.
Иван Чупиќ кој во официјалниот дел од сезоната има 14 победи во исто толку одиграни меча, во Европската лига пак има четири победи и еден пораз, најави дека ќе играат за своите фанови.
„Добра недела е зад нас, две важни победи против Сесвете за пласман во ТОП 16 и потоа во дербито со Охрид. Ни доаѓа Тулуз, овој натпревар нема значење, но играме добро, се спремивме добро и сакаме да запишеме уште една победа да го завршиме групниот дел без пораз на домашен терен. Сакаме да им покажеме на нашите навивачи како Вардар сака да игра на секој натпревар и тоа е мотив за денешниот натпревар. Мора да дадеме се од себе, со енергија, со говор на тело, со позитива меѓу нас“, изјави Чупиќ.










