„Трета среќа“ за „тај-брејк“ радост за Пелистер Волеј

24
ФОТО: ОК Пелистер Волеј

Одбојкарките на Пелистер Волеј ја запишаа првата тај-брејк победа сезонава во третиот ваков натпревар за нив во Првата женска лига, откако со 3:2 (25:18, 16:25, 25:21, 22:25, 15:8) ги совладаа Газели Волеј во последниот меч од 8. коло, кој се одигра во Битола.

Во дербито на дебитантите во прволигашкото друштво противниците одиграа одличен натпревар, интересен, неизвесен, со убави поени и тактичко надмудрување.

Газели Волеј имаше старт од 0:4, но Пелистер Волеј успеја брзо да се консолидира, а како пресудна за водството на домашните се покажа серијата од 6-1 (15:10) во средината на сетот, како и големиот број технички грешки на противникот кои им одеа во прилог.

Скопскиот состав ја смири играта во полето во вториот сет и тоа и донесе подобра организација на нападот, со што изедначи на 1:1.

Следните два сета беа рамноправни и ги одлучуваа детали, односно моменталната концентрација и инспирација, а најмногу дисциплината во игра, што само ја најави тај-брејк разврската.

Во решавачкиот сет домаќинот влезе фуриозно со 7:1, односно 8:2 на промена на страните и потоа мирно дојде до победа од 15:8, или вкупно трета во првенството.

Шај Мекги со 22 поени беше најефикасната во редовите на Пелистер Волеј, додека Симона Стојановска имаше 8 поени.

Кај Газели Волеј, Теа Терзиевска постигна 22, следена од Мила Дикова со 14 поени.

ПретходноРодриго израмни рекорд: Бразилецот на 30 меча во низа без постигнат гол за Реал Мадрид!
СледноНеверојатно: На СП 2026 ќе се применува ВАР технологија и за корнери и за жолти картони!