Вардар со две различни поливремиња, сепак, успеа со нова победа во Скопје да ги заврши настапите во првата рунда од ЕХФ Европската лига. Тулуз совладан по вторпат, овој пат во една енергична игра и борба до самиот крај.
Тренерот на „црвено-црните“, Иван Чупиќ, на пресот по средбата истакна дека не му се допаднало она што го виде во првото полувреме, но по реакцијата во соблекувалната работите се променија во вториот дел.
„Прво да им се заблагодарам на гостите кои денеска одиграа фер и коректен натпревар. За мене беше многу битна средба. Прво затоа што знаев дека Тулуз е екипа која не се предава и доаѓа тука за да победат, без разлика што не им значи конечниот резултат. Со мојата екипа не сум задоволен од играта во првиот дел. Немавме енергија, но им кажав и на ракометарите на полувремето дека со таква игра не се игра во Лига на шампиони и Лига на Европа. Но во вториот дел се променивме, понавме да играме енергично, да трчаме, ја кренавме публиката на нозе и кога сето тоа се вкомпинира, направивме одличен резултат и натпревар“, истакна Чупиќ.
Вардар продолжува во следната рунда во група со Кристијанштад и двата нови ривали, германски Мелсунген и португалска Бенфика.










