Пишува: Зоран Ѓоршоски
Само Вардар и Струга ТЛ, на коло пред крајот, се во игра за есенската титула а овие две екипи и тоа како се загреваа пред тоа последно есенско коло кое закажано за следниот викенд.
Прво Струга ТЛ во неделата на свој терен со 6:0 го “парчоса“ Башкими, а потоа половина час подоцна и Вардар исто му даде шест гола на Шкупи во градското дерби, ама прими и еден гол.
Сега на коло пред крајот Вардар има 39 бодови и е лидер, Струга ТЛ има 38 и е втора.
Значи на Вардар на гостувањето во Ѓорче му треба победа и по цели седум години ќе биде есенски првак, без разлика што ќе стори Струга ТЛ во Кавадарци кај Тиквеш. Вардар може и со реми, ако стружани ремизираат или загубат, а Вардар може и со пораз да биде есенски првак, ама тогаш и Струга ТЛ мора да загуби.
Значи четата на стратегот Гоце Седлоски сама си решава за тоа дали на крајот ќе заврши како првопласирана по есенската полуетапа.
Шкендија едвај го победи Работнички, во меч во кој се покажа дека шампионот е дефинитивно “исцеден“ по летните и есенски настапи на три фронта. Тие -6 бода во однос на лидерот Вардар и не се толку многу, но треба да се знае дека во вториот нивни меч оваа сезона Вардар е домаќин, и тоа може да биде проблем за тетовци.
Сега Шкендија е далеку од одбрана на титулата. Силекс е на -11 бода од Вардар и се чини толку му беше. Кратовци едноставно немаат сила ни квалитет да се носат со Вардар, Струга ТЛ и Шкендија. Едно е желбата а сосема друго се можностите.
Тиквеш полека, но сигурно се “буди“. Под водство на новиот стратег Борче Христов, кавадарчани на пет меча освоија 10 бодови и сега не се веќе во опасната зона. Проблем за нив е што сега се домаќини на одличната Струга ТЛ, тоа ќе биде меч за уживање.
Арсими е “убиец на фаворити“. По Шкендија тимот на стратегот Вилдан Салиу го “смачка“ и Силекс на негов терен. Во последното коло игра дома со Пелистер, и ако продолжи со добрата форма, секако дека победнички ќе ја заврши есенската полусезона и годината воопшто.
Брера почна да ја “фаќа“ криза, Работнички си тера по старо и со новиот стратег Ален Тупајиќ, а Шкупи веќе се подготвува за Втора лига.
Рековме веќе, со натпреарите од 16.коло од петок до понеделник, завршува есенската полусезона.















