Сега веќе екс селекторот Благоја Милевски и се обрати на јавноста со свое писмо.
Истото ви го пренесува во целост:
Драги поддржувачи на македонската репрезентација,
Би сакал да изразам искрена благодарност до Фудбалската федерација на Македонија и до сите претседатели на нашата федерација, Илчо Ѓорѓиоски, Муамед Сејдини и Масар Омерагиќ, кои од 2014 година, обезбедуваа услови и поддршка што ни овозможија да постигнеме резултати вредни за историјата на македонскиот фудбал.
Посебна благодарност упатувам до претседателот Масар Омерагиќ за континуираната и јасна поддршка во изминатиот период. Таквите основи се неопходни за секој професионален процес да функционира стабилно. Во фудбалот, како и во секоја друга област.
Особено сум горд на нашите фудбалери. Нивната енергија, посветеност и упорност ни донесоа победи и резултати кои ќе останат во сеќавање. Тие покажаа што значи да се игра за Македонија и тоа ме исполнува со вистинска гордост.
Благодарен сум и на мојот стручен штаб, медицинскиот и логистичкиот тим за професионалноста и соработката. Секој од нив ја вршеше својата работа тивко и прецизно, како дел од една целина што мора да биде усогласена за да успее.
Чест ми беше да ја водам репрезентацијата и да бидам дел од овој заеднички труд. Јас и во иднина ќе бидам со репрезентацијата, со внимание, поддршка и почит.
Благоја Милевски










