Министерот за спорт Борко Ристовски, денеска во Владата присуствуваше на одбележувањето на 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост. На одбележувањето присуствуваа и вицепремиерот за политички систем, Љупчо Димовски, министри и заменици министри во Владата, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓеорѓиевски, како и в.д. постојаниот координатор на ООН, Армен Григорјан. Заедничката порака беше дека инклузијата не е избор – таа е обврска.
Министерот Ристовски оддаде почит на храброста и упорноста на лицата со попреченост и ја истакна важноста на еднаквите можности и инклузијата во општеството.
Тој истакна дека Министерството за спорт продолжува со континуирани активности за создавање услови за вклучување на лицата со попреченост во спортот, со цел спортот да биде достапен за секој поединец .
–Секој човек заслужува еднакви можности и достоинствен пристап. Нашата цел е да ја унапредуваме достапноста, поддршката и условите за лицата со попреченост. Како Министерство за спорт, континуирано работиме да создадеме реални можности за нивно активно вклучување во спортот – затоа што спортот е право, мотивација и сила за секого – изјави министерот Борко Ристовски.










