Во Битола владее големо незадоволство од она што Пелистер го прикажува на терените. Иако пред повеќе од две недели македонскиот првак на домашен терен победи еден клуб како што е Пик Сегед, сепак разочарувањето од меч во меч е големо.
Се почна од мечот против Алкалоид. Избраниците на Кирил Лазаров во преполната сала „Боро Чурлевски“ му земаа бод на фаворитот. Пелистер прокоцка позитива од седум гола, Алкалоид се врати во мечот, младиот Галевски му одбрани пенал на Радивојевиќ. Ова сценарио ќе беше посфатливо и оправдано доколку Пелистер имаш млад состав како тимот од Автокоманда, па ќе можеше да се вади на неискуство. Во моментов битолчани имаат ростер за Лига на шампиони, па вакви киксови не се простуваат, особено кога за нив секој бод е важен во битката за титулата во домашниот шампионат. Пелистер сега заостанува четири бода зад Вардар 1961.
И сето ова можеби ќе беше заборавено доколку синоќа во Загреб, македонскиот првак се покажеше во едно подобро издание. Битолчани играаа добри 17 минути по што целосно паднаа. На теренот изгледаа неорганизирано, нападот не функционираше, а одбраната и покрај добриот Митревски имаше голем провев.
Сивилото е препишано на шпанскиот стртег, Рубен Гарабаја. Веќе на големо се зборува дека џокерите ги троши кај тие што вложуваат во овој тим, а богами средствата не се мали. Иако веќе долго време е со тимот, не успева да го извади максимумот, не на сите клучни мечеви.
Шпанецот има шанса да покаже дека заслужува поголема доверба. „Сламката“ за спас се вика Вардар 1961. Ако го добие дерби дуелот против директниот конкурент за титулата во Битола пожарот ќе биде „згаснат“, секое друго сценарио ќе значи крај на уште еден Шпанец во Градот на конзулите.










