Ливерпул му оддаде почит: Диого Жота денес ќе го прославеше својот 29-ти роденден

6
Фото: Ливерпул

Ливерпул му оддаде почит на својот поранешен напаѓач Диого Жота, одбележувајќи го неговиот 29-ти роденден. Португалскиот репрезентативец трагично загина во јули оваа година во сообраќајна несреќа во која животот го загуби и неговиот брат Андре Силва. Клубот од „Енфилд“ се сети на својата поранешна ѕвезда со емотивна објава на социјалните мрежи.

„Денес, како и секој ден, се сеќаваме на Диого Жота на денот кога ќе беше неговиот 29-ти роденден. Целата наша љубов, мисли и молитви продолжуваат да бидат со неговата сопруга Рут, неговите деца, родители и целото негово семејство и пријатели, како и со семејството и пријателите на неговиот брат Андре. Засекогаш во нашите срца, засекогаш нашиот број 20.“

Заедно со пораката, беше објавена и фотографија од Жота како го држи трофејот од Премиер лигата освоен минатата сезона, завиткан во португалското знаме. Ова соопштение е само последното од низата гестови со кои клубот и навивачите го зачувуваат споменот на Жота.

Сопствениците на Ливерпул, ветија дека ќе го почитуваат целиот негов договор, вреден околу 140.000 фунти неделно (околу 160.000 евра), со цел финансиски да ја поддржат неговата вдовица Рут и нивните три деца. Клубот, исто така, го повлече од употреба дресот со број 20 за сите тимови, а навивачите се сеќаваат на својот херој на секој домашен натпревар пеејќи ја неговата песна во 20-тата минута.

ПретходноОфицијално: Пауновиќ ќе ја води Србија до 2030 година