Ждрепка за СП 2026: Спектакл во Вашингтон, ФИФА со изненадувања и новитети! И Македонија е можен учесник!

74
ФОТО: FIFA World Cup/FB

Вечерва од 18 часот по наше време во Вашингтон ќе се одржи ждрепката за групната фаза на претстојниот Мундијал кој ќе се одржи од 11 јуни до 19 јули 2026 година во САД, Канада и Мексико. Дали таму ќе игра и Македонија зависи од тоа што нашата А-репрезентација ќе го направи во март во баражот. Сепак ние вечерва ќе дознаеме, ако евентуално Македонија се пласира, во која група ќе бидиме.

Тоа ќе биде историско Светско првенство во многу аспекти, а првото нешто што ќе го привлече вниманието се дури 48 учесници, што ќе се случи за прв пат. Од 1998 до 2022 година имавме систем со 32 селекции, а сега ќе видиме нешто сосема ново. Ќе има 12 групи со по четири екипи, а првите две од секоја група, како и осумте најдобри третопласирани екипи, ќе се пласираат во 1/16 финалето. Значи, за прв пат на светските првенства ќе имаме 1/16 финале, што ја зголемува нокаут фазата за уште едно коло. Ждрепката ќе започне со извлекување на екипите од првиот шешир.

Како домаќини, Мексико (зелена топка) оди во Групата А, Канада (црвена топка) во Групата Б, а САД (сина топка) во Групата Д. Според правилата, селекциите од истиот шешир не можат да бидат во истата група, националните тимови од истата конфедерација не можат да бидат заедно, со исклучок на Европа (УЕФА). Секоја група мора да има најмалку една, а најмногу две европски репрезентации. Исто така, само шест групи ќе бидат целосно пополнети утре, додека шест ќе бидат комплетирани дури во март, кога ќе завршат европските и интерконтиненталните баражи. Исто така, постојат одредени „стапици“, сите тимови што доаѓаат од плејофот ќе бидат во последниот шешир, па ако се случи селекции како Италија, Данска и Турција да се пласираат на Светското првенство, јасно е дека ќе се формира некаква таканаречена „група на смртта“.

Ждрепката ќе ни донесе уште еден преседан и нешто што е карактеристично за тениските турнири, а не за фудбалските турнири. Имено, ФИФА објави дека првите четири носители во ждрепката за Светското првенство во 2026 година, односно четирите најдобри репрезентации на моменталната ранг-листа на ФИФА, ќе бидат распоредени така што нема да можат да се сретнат пред полуфиналето. Ова значи дека Шпанија (прва носителка) и Аргентина (втора носителка) ќе бидат сместени во спротивни половини од костурот, при што или Франција (трета носителка) или Англија (четврта носителка) ќе влезат во нивните половини. Секако, ова ќе се случи под услов сите четири репрезентации да завршат први во своите групи. Овој систем на рангирање е имплементиран за да се избегнат рани дуели на најсилните и да се обезбедат атрактивни натпревари во нокаут фазата.

ФИФА прецизираше дека шеширите ќе изгледаат вака:

Прв шешир: САД, Канада, Мексико, Шпанија, Аргентина, Франција, Англија, Португалија, Бразил, Холандија, Белгија, Германија.

Втор шешир: Хрватска, Мароко, Колумбија, Уругвај, Швајцарија, Јапонија, Сенегал, Иран, Јужна Кореја, Еквадор, Австрија, Австралија. Трет шешир: Панама, Норвешка, Египет, Алжир, Шкотска, Парагвај, Брегот на Слоновата Коска, Тунис, Узбекистан, Катар, Саудиска Арабија, Јужна Африка.

Четврти шешир: Јордан, Зелено ’Ртските острови, Гана, Курасао, Хаити, Нов Зеланд, четири победници на европскиот плејоф, два победници на интерконтиненталниот плејоф.

Познато е дека репрезентацијата на Аргентина ќе ја брани титулата светски шампион.

ПретходноПо 18 години Леброн остана едноцифрен, но Лејкерси победија со тројка во последниот напад
СледноШтипјани ја продолжија победничката серија во Првата лига