Францускиот фудбалски великан Лион се најде во центарот на скандал кој би можел сериозно да го погоди клубот финансиски. Според француските медиуми, корените на проблемот се поврзуваат со периодот кога клубот го водеше Џон Текстор – и тоа со наводни фиктивни трансфери во вредност од повеќе од 120 милиони евра.
Неколку фактурни компании, кои ги откупиле долговите на бразилскиот Ботафого, во последниве денови го контактирале Лион барајќи да им биде исплатен долг за трансфери на играчи кои никогаш не пристигнале во Франција. Меѓу имињата што се споменуваат се: Луис Енрике, Игор Жезус и Саварино. Според документите, овие фудбалери требало да бидат дел од интерни трансфери во рамките на Eagle групацијата, бидејќи двата клуба биле под ист сопственик.
Приказната се открила по увид во навидум обична е-пошта, но подлабоката анализа покажала дека зад неа стојат документи со потенцијално огромни последици по финансиската стабилност на Лион.
Лион едвај се спаси од испаѓање минатата сезона, а по ублажувањето на казната клубот беше обврзан на период на рационално и штедливо работење. Наместо стабилизација, се отвораат стари рани. Сегашниот скандал доаѓа во момент кога клубот очајно се обидува да го стабилизира буџетот и повторно да го придобие довербата на навивачите.
Францускиот L’Equipe пишува дека документите за „трансферите“ биле уредно потпишани, иако никогаш немало реална намера играчите да заиграат за Лион. Ова отвора клучно прашање: дали станува збор за грешка, недоразбирање или нешто многу посериозно?
Во приказната се вклучени и трети страни, што дополнително ја усложнува ситуацијата. Фактурните компании, кои верувале дека финансираат реални трансфери, сега го бараат својот новац назад. Од Лион засега нема официјален коментар, но извори блиски до клубот велат дека новата управа е шокирана од размерите на проблемот што го наследила.
Стручњаците предупредуваат дека ова може да стане еден од најголемите финансиско-административни скандали во поновата европска фудбалска историја – не само поради огромната сума, туку и поради комплексноста на системот во рамките на една сопственичка структура.
Додека истрагата продолжува, останува отворено прашањето: како е можно да се реализираат трансфери вредни десетици милиони евра, а играчите воопшто да не го напуштат својот матичен клуб? Според L’Equipe, ова е само почеток на приказната, а нови детали би можеле дополнително да го потресат европскиот фудбал.










