Вилсон: Вистинско дерби, сакаме победа над ТФТ и прво место

0

Пелистер максимално подготвен го дочекува дербито против ТФТ (сабота 19 часот, сала „Боро Чурлевски“), дуел во кој битолчани влегуваат со една единствена цел – победа и враќање на првото место на табелата.

Репрезентативната пауза беше добредојдена за малку одмор по пеколното темпо, па „зелено-белите“ сега максимално подготвени ќе влезат во дуелот со ТФТ, ривал со кого имаат четири победи на досегашните четири меча во Битола.

„Ова ќе биде вистинско дерби, играме против квалитетна екипа што има добри играчи во своите редови и ќе стори се за да ни создаде проблеми. Мораме да бидеме перфектни на натпреварите на домашен терен почнувајќи од овој дуел, клучот ќе биде во колективната игра, сите заедно да одиграме во висок ритам, да покажеме желба за победа и енергија“, изјави Си-Џеј Вилсон, американскиот плејмејкер во таборот на „пелистерци“.

Шефот на стручниот штаб, Боро Даскаловски, обелодени дека се изречени и мерки поради недоволно залагање на дел од играчите на последните средби пред репрезентативната пауза.

„Изминатиот период бееше доста проблематичен поради што бевме приморани да спроведеме одредени мерки во тимот кои се надевам дека ќе вродат со плод во натамошниот дел од сезоната. Екипата мора да даде 100% на секој меч, особено бидејќи имаме празнина на позицијата „пет“ и додека не ја надополниме не смееме да си дозволиме никакво опуштање, од почеток до крај на натпреварите“, вели тренерот Даскаловски.

Покрај оваа средба денеска ќе се сретнат и Ангели и Работнички (15:30 часот), Маџари – Гостивар (17 часот), додека два часа подоцна Куманово го пречекува Тиквеш.

ПретходноПо големиот бод во Битола, Алкалоид го чека едноставна задача