ТФТ замина победнички и од Битола, МКК Куманово подобар од Тиквеш

1

Лидерот на табелата во Првата кошаркарска лига, ТФТ се враќа со голема победа и од гостувањето во Битола против екипата на Пелистер. Во вечерашното дерби на 9. коло, ТФТ успеа да слави во Битола со 83:87 и да ја запише осмата победа сезонава.

Битолските „зелено-бели“ имаа одлично прво полувреме и се чинеше дека се на добар пат да му нанесат втор пораз на скопскиот состав. Пелистер змина на пауза со предност од 8 поени (40:32), но со почетокот на вториот дел, на паркетот се се промени. ТФТ заигра одлично, имаше одлична поентерска трета четвртина во која постигна 30 поени и успеа да намали на само минус 2 до влезот во финалниот период. во последните 10 минути, на сцена стапија Дејвис, Гордон, Говенс и Николов кои на пет минути пред крајот веќе успеаја да направат пресврт (72:73). До крајот Пелистер не успеваше да се врати во ритам, а ТФТ умешно ја сочува тешко стекнатата предност за победа.

Дејвис постигна 25, Гордон 22, Говенс 14 поени, додека Николов имаше 12 во составот на ТФТ. Кај домашните Малешевиќ беше најефикасен со 20 постигнати поени, колку што постигна и Стајиќ.

Кошаркарите на МКК Куманово пред своја публика остварија победа над екипата на Тиквеш со 94:77. Кумановци до шестата сезонска победа беа предводени од фантастичниот двоец Николиќ – Луковиќ кои во голема мера и сами ја обезбедија оваа победа. Николиќ средбата ја заврши со 29 поени, додека Луковиќ на крајот запиша 27. И на двајцата им недостасуваше само по еден скок за да остварат „дабл-дабл“ ефект. Кај екипата на Тиквеш Дес постигна 14 поени.

ПретходноЛиверпул како просечен премиерлигаш: Прокоцка 0:2 за бод кај Лидс (ВИДЕО)