Новак Ѓоковиќ ќе наполни 39 години следната година, но сè уште еден од најдобрите тенисери во светот, откако минатата сезона стигна до полуфиналето на сите Гренд слем турнири. Србинот, засега, нема планови да се пензионира, а неодамна изјави дека сака да настапи и на Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година.
Во исто време, самиот Ѓоковиќ знае дека физички не е ист како што беше дури ни пред пет години. Затоа, откри дека посветува посебно внимание на работата на своето тело. Неодамна еден од најдобрите тенисери во историјата, откри со кои иновативни методи се служи за да остане во форма.
„За закрепнување, користам мултисензорна комора за велнес, која ми овозможува да се тонизирам за најкратко можно време – осум минути. Правам кратка пауза и се обидувам, да употребам тркачка терминологија, да го обновам мојот болид. Се повредував почесто од вообичаеното во последните 18 месеци, па се обидувам да го обновам моето тело за да можам да имам одличен почеток на следната сезона и, се надевам, да продолжам да се натпреварувам со најдобрите“, вели Ноле.
Ѓоковиќ откри дека оваа иновативна метода е всушност мултисензорната комора Regenesis. Интересно е што Србинот не е само корисник, туку еден од креаторите и инвеститорите во производот. Идејата за проектот се роди на Бали во 2019 година. Таму, Ѓоковиќ се запозна со Австралиецот Тав Кин, кој работеше на технологии насочени кон помагање на луѓето да постигнат длабоки медитативни состојби. Ѓоковиќ и Кин се зближија и отворија работилница и лабораторија на Бали, каде што започна развојот на капсулата. Капсулата беше развиена и лансирана оваа година. Вклучува низа карактеристики за кои се претпоставува дека се насочени кон брзо физичко и психолошко закрепнување. Многу од овие карактеристики се потпираат на алтернативната медицина што ја претпочита Ѓоковиќ.










