Екипата на Брера постигна убедлива победа од 3-1 во Струга против ФК Шкупи, доминирајќи во поголемиот дел од натпреварот. Трите бода ѝ овозможуваат на Брера да се искачи на табелата, додека најубавиот момент на мечот беше почесниот гол постигнат од Ерион Шуку.
Уште од самиот старт, гостите покажаа дека дошле по победа, ставајќи ја под притисок одбраната на ФК Шкупи. Предноста беше остварена многу брзо. Во 6-тата минута, босанскиот напаѓач Емрах Макиќ беше најснаодлив во шеснаесетникот и со брз допир ја испрати топката во мрежата, отворајќи го резултатот на 1-0. Раната доминација беше повторно конкретизирана во 17-тата минута. По центаршутот од левата страна, топката го одмина Нзегуе, но не и Ивановски, кој беше прецизно позициониран на втората статива и лесно погоди за 2-0.
Првиот посериозен одговор на Шкупи дојде од Шуку во 28-та минута, но неговиот удар отиде покрај голот. Вториот дел повторно започна со висок ритам од страна на Брера. По обидот на Нзегуе, кој беше запрен од голманот Муслиу, дојде и голот што ја запечати победата. Во 50-тата минута, Тодоровски го постигна третиот гол, мајсторски лобувајќи го голманот на ФК Шкупи за 3-0. По овој гол, темпото падна, а Брера ја контролираше играта. ФК Шкупи се обиде преку Аризанконски и Џихан Адили, но нивните обиди не беа доволно опасни.
Додека натпреварот се приближуваше кон крајот, ФК Шкупи го постигна почесниот гол, кој воедно беше и најубавиот момент на мечот. Во 85-тата минута, Ерион Шуку тргна во соло акција и, откако си создаде простор на 17 метри од голот на Брера, упати прецизен и силен удар кој заврши во мрежата, намалувајќи ја предноста на 3-1. Со оваа победа, Брера освои 3 бода и се искачува на 7-то место со 19 поени. Додека ФК Шкупи останува на последното место на табелата со само 1 освоен бод















