По тешката прва сезона во Ферари, Луис Хамилтон реши максимално да се исклучи од Формула 1 оваа зима. Британецот најави дека ќе го „фрли мобилниот телефон во канта“ за да има целосен мир после разочарувачката 2025 година.
Иако неговиот премин во Маранело на почетокот на годината донесе еуфорија, Хамилтон се мачеше со адаптацијата и остана без победа во главната сезона. Најдобри резултати му беа четвртите места на неколку трки, додека единствена победа запиша во спринт-возењето во Кина.
„Не постои ништо што ќе ми недостига кај овие болиди. Не уживав“, изјави 7-кратниот шампион.
По последната трка во Абу Даби, Хамилтон заврши осми, а сезоната ја обележа и титулата на Ландо Норис, кој за првпат стана светски шампион.
„Едвај чекам да побегнам од сè. Ништо, нема телефон, нема комуникација. Овој пат навистина ќе се исклучам“, порача возачот на Ферари, додавајќи дека сака пауза од медиумските и спонзорските обврски.










