Одбојкарите на Штип УГД остануваат последните македонски „мохиканци“ во Европа. Во среда во рамките на главната фаза од Челинџ Купот на ЦЕВ во 1/16-финалето, штипјани од 19 часот во салата „25 Мај“ во Радовиш ќе го пречекаат италијанскиот тим Алианца Милано.
Гостите доаѓаат како супер-фаворити од земја во која се игра најквалитетната клупска и репрезентативна одбојка на планетата. Штип УГД и навивачите во салата во радовиш ќе имаат несекојдневна можност на сцена да ги видат дел од најдобрите одбојкари во светот кои го носат дресот на миланскиот тим.
„За нас овој двомеч ќе биде момент за спортско уживање. Што можам да кажам за еден Милано. Тим кој доаѓа од Италија, земја со најсилната клупска одбојка, тим со голем број интернационални звезди. некои од нив се дел од најдобрите светски селекции како Јапонија, Бразил, Италија… За нас обврска е да дадеме 100% од нашите можности и да покажеме дека од 1/16-финале е заслужено“, вели тренерот на Штип УГД, Кристиан Ристески.
Штипскиот состав имаше непријатна епизода во домашното првенство непосредно пред дуелот со Милано. Поразот од Струмица на домашен терен значеше прв пораз за лидерот на табелата во домашниот шампионат оваа сезона.
„Секако дека мора да анализираме добро што ни се случи. Добивме два сета доминантно, а потоа паднавме и не можевме да се подигнеме цели три сета. Тоа е недозволиво. Против Милано не смееме да ни се случи нешто слично. Мора да ги кренеме главите и да одиграме машки, за нас, за нашите навивачи и за македонската одбојка“, потенцираше Ристески.
Мечот во среда во Радовиш започнува од 19 часот. Реваншот во Италија ќе биде на 6 јануари следната година.










