17-кратниот македонски шампион во борење слободен стил, Дејан Митров објави крај на својата активна кариера. Тој викендов настапи на меѓународниот турнир „Победник“ каде го освои првото место во категоријата до 86 килограми, во финалето победувајќи го противникот од Словачка.
По триумфот, Митров се огласи на социјалните мрежи објавувајќи заминување во спортска пензија.
„Во 1999 година првпат настапив за националниот дрес на Македонија како дел од пионерската репрезентација, денес беше мојот последен настап за СВЕТИОТ ДРЕС. 5 победи за златен медал на “ПОБЕДНИК” во Белград. Благодарност до хигеиничарот во салата, спаринг партнерите, управата, тренерите, спонзорите па се до мојата фамилија кои ми беа најголема поддршка“, напиша Митров.
Митров во својата долгогодишна кариера е носител и на два бронзени медали од европските првенства, и две бронзи од Медитеранските Игри.










