Пишува: Зоран Ѓоршоски
Со мечевите од 16.коло заврши есенскиот дел од тековната сезона 2025/26. Вардар е есенски првак, одличната Струга ТЛ на второто место со бод заостанување, а тука е и Шкендија која напролет секако дека ќе се врати во игра.
Вардар покажа кој е кој. Одличен тим за наши услови, одличен тренер и кога е така, тогаш нема дилеми зошто нашиот најтрофеен клуб по цели шест години е есенски првак.
Сепак работата не е завршена. Вардар сака титула, а до нејзе ќе мора и преку одличната Струга ТЛ која со малку среќа секако ќе беше пред Вардар. Се сеќавате на таа 90+3.минута во дербито кога при водство од 1:2 Малески имаше зицер за 1:3 на гости кај Вардар. Не успеа да реализира а Вардар казни со гол за израмнување. Во пролетниот дел следува гостување на Вардар во Струга.
Шкендија не смее да се заборави. Иако има -6 бода во однос на Вардар, напролет ќе има два меча против Вардар. Шкендија одигра феноменално во Европа, но во ПМФЛ не беше на нивото.
Јасна беше намерата на тренерот Јетон Беќири. Најдобрите да му играат во Лигата на Конференции, а останатите на домашна сцена. Проблемот беше што тие останати, меѓу кои и што дојдоа како засилување, не можеа да обезбедат рутински победи па затоа мораа во игра да влегуваат оние првотимци да ги решаваат проблемите. Следуваше замор и тоа е тоа.
Силекс добро тргна, има добар тим, има добар тренер, но нешто недостига за да се најде во друштво на Вардар, Струга ТЛ и Шкендија. Веројатно немањето доволно широк ростер и буџетот се во прашање.
Белег на есента е неверојатниот пад на Работнички. Еден од нашите најголеми брендови има и повеќе од катастрофална есенска полусезона. Освоени само седум бода и само една победа.
Клубот кој минатата сезона се бореше за титулата, потоа играше и во Европа, во оваа тековната е убедливо најслабиот тим во ПМФЛ, се разбира тука не го сметаме “второлигашот“ Шкупи. Во изминатите 16 кола дури тројца тренери го водеа тимот, сепак најголем проблем е играчкиот кадар во Работнички. Овој клуб со осум трофеи, по четири во ПЛМФ и во Купот на Македонија, никогаш немал послаб ростер во својата историја.
Има многу што да се анализира, но има време, следува зимската пауза, па ќе видиме како ќе се одвиваат настаните во клубовите во нашата елитна лига.















