Ракометариет на Алкалоид ја остварија и единаесеттата победа сезонава, откако вечерва без поголеми проблеми заминаа со триумф од гостувањето кај Прилеп со 33:39.
Домашните се обидуваа во сите 60 минути да најдат начин како достојно да му парираат на фаворитот, но до крајот на мечот успеаја само да ја намалат високата предност на гостите. Алкалоид во првиот дел имаше предност од три гола (16:19), па во вториот дел момците на Лазаров многу посериозно ја сфатија задачата и успеаја во првите 10 минути од вториот дел да дојдат и до +8 (20:28). Тоа веќе навести убедлив триумф на гостинскиот тим, кој до крајот рутински го приведе натпреварот до победа.
Мартин Серафимов не знаеше да промаши, па средбата ја заврши со 7/7 гола. Одлични беа и Џонов (6/6) и Костески (5/5). Кај екипата на Прилеп се истакна Димитриоски со 10 гола (промаши само еднаш). Шабановиќ заврши со 9 погодока.










