Пелистер во Битола му покажа на Вардар кој е ШАМПИОН!

5

Пелистер покажа зошто е шампион. Битолчани со Звонко Шундовски на клупата го добија мега – дербито против Вардар со резултат 28:23.

Ова е прв пораз на Вардар и тоа во рамките на 16.коло. Лидерот не е веќе перфектен. Пелистер се враќа во игра за титулата во нашата ракометна Суперлига.

Спектакуларно мега – дерби, во кое Пелистер беше подобар и заслужено славеше.

А се почна со голот на Кузмановски и водство на Пелистер, колку да се „запали“ атмосферата во салата Боро Чурлевски. Шампионот имаше и 2:1, но тогаш на сцена стапија гостите. Вардар на голот го имаше Валах, потоа во нападот Хориха и беше во постојано водство. Во одредени моменти ртаа разлика беше и +3 за Вардар. Пелистер никако да фати ритам, Манасков беше отсечен, Кузмановски не можеше да се размавне, а Вардар сетоа тоа го користеше и ја држеше таа разлика до 23.минута кога беше 10:10. И тогаш на сцена стапија ракометарите на Плеистер. На голот застана Хеидарирад, Кузмановски и Радивојевиќ проработија, тука беше и Пешевски и Пелистер на крајот од првиот дел имаше 13:10, па така на пауза се замина со +3 за домашните за радост, за еуфорија на трибините.

ПЕЛИСТЕР ДОЈДЕ И ДО +4

Второто полувреме почна како што и заврши првото. Евидентно беше дека ова се моменти за Пелистер, тим кој во 33.минута имаше и водство од 15:11 или +4 разлика. Сепак Вардар не може вечно да биде во неповолна позиција, на крилјата на искусниот Гоце Георгиевски, гостите дојдоа до -2 во 37.минута.

И натаму Хеидарирад блеска, досега има девет одбрани, се разигра и Пешевски покрај стандардно добрите Радивојевиќ и Кузмановски.

Пелистер е во елемент, тука во овие моменти покажува како треба против Вардар. И водство од 19:14 за Пелистер. Седми гол на Радивојевиќ од седум обиди.

Шампионот продолжи да гази. На средината од второто полувреме разликата беше +6 за Пелистер, поточно резултатот гласеше 21:15.

Сепак има уште многу да се игра, крајот е далеку, но Вардар не е на своето ниво. Но, со два гола во низа сега е 21:17, па и 21:18. Не смее да се отпише Вардар, никако.

Вардар е во налет. Откако испушти шанса за +7, на 11 минути до крајот, домашните сега имаа само +3.

Но Кузмановски ја враќа предноста на +5 на осум минути до крајот. Капитенот одигра капитенски во овие моменти.

На крајот Пелистер славеше, а во Битола ноќеска нема спиење.

Што се однесува до голгетерите, кај домашните блескаше Радивојевиќ со девет голови од девет обиди, по шест постигнаа Кузмановски и Пешевски. Голманот Хеидарирад се истакна со 12 одбрани. Кај гостите Митровиќ и Хориха стрелаа по пет голови, а Валах имаше седум одбрани.

ПретходноРистовски прецизен од белата точка, но Ц.Звезда испадна од младинската ЛШ