Тренерот на Шкендија, Јетон Беќири, денеска на официјалната прес конференција го најави утрешниот дуел од групната фаза од Конференциската лига против екипата на Слован Братислава на Арената во Скопје. Мечот почнува од 18:45, а истиот е во рамките од петтото коло од ова натпреварување.
„Мислам дека и натаму имаме шанси да се пласираме во следната фаза. Верувам дека имаме исклучително квалитетен противник кој беше и во групите од Лигата на шампионите минатата година, но секогаш кога играме дома, кога играме во Скопје, имаме позитивни настапи. Дури и против екипата на Слован Братислава, се надевам дека тимот ќе се изрази на најдобар можен начин и сум многу уверен дека ги имаме сите предуслови и можности да обезбедиме резултат, кој потоа во последниот натпревар ќе ни даде утеха да можеме да се пласираме меѓу 24-те најдобри екипи“ – рече кормиларот на Шкендија, Јетон Беќири.
Утре без Ал Хасан и Тамба
„Во однос на тимот, имаме одуства. За утрешниот натпревар нема да можеме да сметаме на играчот од средниот ред Ал Хасан поради три жолти картони и на Тамба поради повреда“ – пренесе стратегот.
Шкендија испишува историја
„Ова е историско издание за нас. Мислам дека во последните четири натпревари, тимот прими помалку отколку што даде. Поточно, мислам дека во последните два натпревари, според мене, заслуживме нешто повеќе во однос на бодовите. Но, фудбалот е таков, во одредени моменти имаме среќа, во одредени моменти дури и среќата може да казни. Важно е што сè уште сме во игра за квалификации. Важно е што Шкендија сè уште игра во европските купови кон средината на декември. Мора да се потрудиме да ги постигнеме најдобрите можни резултати во овие два натпревари што ни преостануваат“ – гласно размислува Беќири.
„Многу е необично, бидејќи во други години, играчите чекаа да завршат првенствените натпревари и да одат на заслужена пауза, додека оваа година ќе ни требаат неколку дополнителни дена за да ги одиграме овие два натпревари кои се многу важни за нас, за клубот, за играчите, но и за јавноста и навивачите. Лично, би сакал Шкендија да го има ова искуство секоја година и верувам дека ако ова искуство продолжи да се повторува во наредните години, тогаш верувам дека со текот на времето, Шкендија ќе го подигне своето ниво и тоа ќе биде нешто вообичаено“ – заклучува тренерот на Шкендија.















