Чаби Алонсо, тренерот на Реал Мадрид, го бранеше својот тим по поразот од 2-1 од Манчестер Сити во Лигата на шампионите, истакнувајќи дека нема простор за критики кон играчите и покрај неповолниот резултат. Во своето обраќање до медиумите, Алонсо ги анализираше клучните моменти од натпреварот, зборуваше за реакцијата на навивачите и за неговата иднина на клупата. Тој нагласи дека тимот дал сè од себе, но дека паднал во концентрацијата во најважните моменти.
„Немаме за што да се жалиме. Се боревме до самиот крај, започнавме добро и поведовме… но има моменти кога секој удар прави дополнителна штета – и тоа беше случајот денеска. За десет минути, по корнер и пенал, тие направија пресврт. Натпреварот беше сериозен, борбен. Но ние попуштивме.
Не ги контролирајвме добро тие ситуации, а потоа тимот се обиде повторно. Подобро или полошо – но се боревме до самиот крај. Имавме шанси, ни недостасуваше прецизност да постигнеме гол… но немам за што да се пожалам“, рече Шпанецот.
Алонсо призна дека брзиот пресврт на противникот влијаел врз самодовербата на екипата, особено во период со бројни повреди.
„Кога сте во деликатен момент – не само во играта, туку и поради ситуацијата со повредите – се чувствувате помалку стабилно. Тоа доведе до тоа Сити да се врати премногу брзо. Во вакви натпревари мора да примите многу малку голови, а ние примивме доволно за тие да направат пресврт. Потоа… кога работите не одат како што сакате, имате можности – во второто полувреме имавме неколку – но не реализиравме.“
На прашањето за свирежите од трибините, Алонсо покажа разбирање.
„Имаше сè – моменти со аплаузи, но и свирежи. Се обидовме. И нормално дека не сме задоволни од резултатите во последниот период. Но немам за што да се жалам. И никогаш не би критикувал навивачи – тие виделе многу, знаат многу. И не би ги критикувал играчите денес“, рече тој, а потоа се осврна на спорните судиски одлуки:
„Ситуациите што ги видовте… кај првиот гол малку го фатија Куртоа. Јас тоа го толкувам поинаку. Судијата го виде на свој начин и тоа беше клучно. Не знам… не можев да го видам повторно.“
Една од ретките светли точки беше Родриго, кого Алонсо посебно го истакна.
„Многу сум среќен за него. Поминуваше низ тежок период, не играше многу, но денес беше фантастичен. Играше одлично, беше клучен и го постигна тој гол што е многу важен за него.
Фактот што го видовме во ваква форма е една од најдобрите вести. А потоа… блискоста во тимот, поддршката – тоа е тука. И заедно ќе успееме да го свртиме ова. Благодарен сум“, објасни Алонсо.
Конечно, на прашањето за неговата иднина, тој кратко одговори:
„Загрижен сум само за следниот натпревар. Она што е важно е Реал Мадрид. Станува збор за тимот, за играчите и како можам да им помогнам. Не е за мене.“










