Женската сениорска репрезентација на Македонија, откако на почетокот на оваа недела доби нов селектор, Србинот Милош Гавриловиќ, денеска ги дозна противниците и распоредот во Европската лига 2026.
Изданието на Евро-лигата 2026 добива и нова тежина, односно ќе биде дел од квалификацискиот процес за Европското првенство 2028, a натпреварувачкиот систем не претрпе некои посериозни промени. Новитет е дека нема веќе поделба на Златна и Сребрена, туку има една единствена Европска лига, во која ќе се натпреваруваат селекциите кои не настапуваат во ФИВБ Лигата на нации. Правилото вели дека доколку една репрезентација учествува во Европската лига 2026, тоа значи дека треба да настапи и во изданието во 2027, во спротивно ќе подлежи на санкции од ЦЕВ.
Новиот систем стартува со прелиминарна рунда во која, според позициите на последниот ЦЕВ ранкинг, репрезентациите на Данска, Луксембург, Албанија и Литванија, ќе играат еден турнир (29-31 мај 2026) за да ги дадат последните двајца патници во лига-фазата. Првите две селекции од овој турнир ќе играат во лига-фазата која ќе се игра низ три викенди во јуни 2026 година.
Женската репрезентација натпреварувањето го започнува во Португалија, каде првиот викенд (5-7 јуни) ќе се соочи со Унгарија, на 6 јуни, односно ден подоцна игра со организатоот на првиот турнир, Португалија. Вториот викенд (12-14 јуни) нашите најдобри одбојкарки гостуваат во Шпанија, каде првиот меч го играат со домаќинот (12 јуни) додека следниот ден играат со Азербејџан. Македонија ќе биде организатор на турнир од третиот викенд (19-21 јуни) кога ќе ги пречека Хрватска и Словенија. Со Хрватска играме на 19 јуни, потоа имаме слободен ден, додека натпреварувањето го завршуваме со Словенија на 21 јуни.
Новитет е дека наместо финален викенд, од ова издание ќе се игра Ф6 турнир, предвиден за периодот од 1 до 5 јули 2026 година, а организаторот ќе биде дополнително познат. Доколку организаторот е рангиран меѓу првите шест екипи, тогаш и шестопласираниот игра на завршницата. Ако домаќинот на Ф6 не е меѓу најдобропласираните, тогаш топ-пет екипите и домаќинот играат на турнирот.
Со оглед на тоа дека екипите кои ќе се пласираат на првите четири позиции обезбедуваат и директен пласман на ЕвроВолеј 2028 година, ЦЕВ има дефинирано и одредени правила. Организаторот на Ф6 мора да ја освои титулата во Европската лига 2026 за да обезбеди билет за ЕП, ако на завршницата се пласирал само поради улогата на домаќин, односно не бил меѓу најдобрите шест рангирани по завршувањето на лига-фазата. Доколку пласманот на финалниот викенд организаторот го обезбедил како дел од најдобропласираните во лига-фазата, тогаш првите четири екипи на турнирот директно ќе се најдат на ЕвроВолеј 2028.
ЕВРОПСКА ЛИГА 2026 ЖЕНИ
ПРВ ТУРНИР 05 – 07.06.2025, Португалија
05.06 Унгарија – Португалија
06.06 МАКЕДОНИЈА – Унгарија
07.06 Португалија – МАКЕДОНИЈА
ВТОР ТУРНИР 12 – 14.06.2026, Шпанија
12.06 МАКЕДОНИЈА – Шпанија
13.06 Азербејџан – МАКЕДОНИЈА
14.06 Шпанија – Азербејџан
ТРЕТ ТУРНИР 19 – 21.06.2025, Македонија
19.06 Хрватска – МАКЕДОНИЈА
20.06 Словенија – Хрватска
21.06 МАКЕДОНИЈА – Словенија










