Капинковски: Оваа генерација има потенцијал!

40

Репрезентацијата на Македонија до 18 години во изминативе неколку дена беше на мини подготовки во Струмица каде одигра два контролни натпревари со селекцијата на Црна Гора.

Составот предводен од селекторот Димитар Капинковски на двата меча забележа победи од 2:1 и најави дека следната година можеме да очекуваме добри вести од квалификацискиот турнир за пласман на континенталниот шампионат.

“Овие натпревари ги искористивме за воигрување на екипата бидејќи следната година не очекуваат квалификации за пласман на Европското првенство. За мечевите против Црна Гора сметав на 25 играчи и сите добија шанса што за мене и стручниот штаб беше одлична можност да видиме со каков потенцијал располагаме и на што треба да посветиме посебно внимание за можеме да бележиме напредок во следните натпревари”, изјави селекторот Димитар Капинковски.

Предводникот на репрезентацијата е задоволен од ангажманот на играчите за време на тренинзите во Струмица, а тоа се потврдува и со двете победи забележани на мечевите што се играа на теренот на комплексот Горан Пандев.

“Сите фудбалери максимално ја искористија можноста да тренираат заедно во овие неколку дена. Задоволен сум од нивната посветеност на тренинзите, но и залагањето на теренот како и исполнување на сите задачи што ги имаа добиено пред почетокот на натпреварите. Сметам дека во оваа генерација има голем потенцијал и доколку продолжат и во иднина да работат со овој интензитет, но и со поддршка од клубовите може да се очекуваат добри резултати”, продолжи предводникот на националниот тим до 18 години.

Оваа генерација на почетокот од следната година ги очекува силен квалификациски турнир што ќе биде голем предизвик за оваа талентирана генерација.

“Целосно сме фокусирани кон квалификациите што ќе се одржат во март следната година. Покрај домаќинот Холандија, противници ни се уште Фарски Острови и Молдавија. До одржувањето на турнирот ќе се обидеме да организираме уште еден собир и да одиграме уште некој контролен натпревар, кој ќе ни послужи за подобра подготовка пред главниот предизвик кој не очекува во март”, заврши Капинковски.

ПретходноВардар 1961 во голема мисија – сака да врати ракометар од златната генерација?
СледноДимитријевиќ со 11 поени во победата на Зенит во ВТБ лигата