Работнички против МЗТ Скопје во епизодата 169!

114

Десеттото коло во Супер лигата ќе мине во знакот на вечното дерби меѓу Работнички и МЗТ Скопје, меч кој стартува во 18 часот во СРЦ „Кале“. Двата тима ќе се сретнат по 169. пат низ историјата.

Во меѓусебните пресметки подобар е тимот од „Градски парк“, кој има скор од 92 победи и 76 порази.

Но, со текот на годините, бранителот на титулата доминира во пресметките. МЗТ Скопје успеа да стане стабилен тим и да изгради состав за големи достигнувања. На другата страна пак Работнички никако не успева да „застане на нозе“. Финансиските проблеми и натаму се најголемата главоболка.

Иако гостите од Аеродром важат како големи фаворити, сепак кога станува збор за вечното дерби тука се е можно.

Работнички последен пат против МЗТ Скопје славеше во јануари 2024 година и тоа како гостин. Од овој меч, двете екипи се имаат одиграно пет натпревари, сите минале во знакот на МЗТ Скопје.

„Вечното дерби секогаш е предизвик сам по себе, без разлика на односот на силите и моменталната форма на двете страни. Историјата нѐ учи дека нема правила, дека нема фаворити и дека победата треба да се заслужи со максимална борбеност во сите 40 минути. Не размислуваме за противникот, туку сме фокусирани на себе, на тоа како ќе го одиграме натпреварот. Добро трениравме, во победничка низа сме и верувам дека ако дадеме сѐ од себе, тогаш ќе се радуваме на крајот од вечерашниот дуел. Верувам во моите момци, како и во нашите верни навивачи, кои сигурен сум во голем број ќе дојдат на теренот на противникот за да ни ја дадат потребната енергија од трибините“, вели тренерот Васко Атанасов.

МЗТ Скопје има скор од осум победи и еден пораз, додека пак Работнички има пет победи и четири порази.

Претходно силите ќе ги одмерат Маџари и Феникс, дуел кој е закажан во 15 часот, додека пак нешто подоцна Кожув е домаќин на Куманово (20 часот).

ПретходноЃоковиќ донесе важна одлука – огромна промена пред почетокот на новата сезона!
СледноНевидени проблеми: Алонсо нема со кого на едно од најтешките гостувања