Божиновски: Со оглед на условите во последните кола, задоволен сум од прикажаното

82

Тимот на Македонија ЃП со високи амбиции ја стартуваше оваа сезона во ПМФЛ шампионатот. Клубот кој избори влез во „елитата“ имаше за цел да се здобие со статус на стабилен прволигаш, а во првичниот дел од полусезоната, тоа и се оствари.

Потоа, турбуленциите во клубот се одразија и на резултатите, па на крајот Македонија ЃП замина во сосема спротивен правец од планираното.

Боби Божиновски како староседелец во Ѓорче Петров, ја презема функцијата на прв тренер по заминувањето на Бобан Грчаров, и со оглед на околностите сосема солидно ја заврши задачата.

„За оваа полусезона, како помошник тренер, можам да кажам дека клубот ја започна сезоната со јасна цел, а тоа е секако опстанок во Првата лига и, доколку условите дозволат, борба за повисок пласман. Раководството на клубот обезбеди солиден буџет и добри услови за работа, а беа донесени и неколку засилувања, дел од нив со задоцнување. Сето тоа создаде очекувања за подобри резултати. Почетокот на сезоната не беше во согласност со очекувањата, но по неколку кола тимот започна да освојува бодови, особено во дуелите со директните конкуренти. Против екипите од горниот дел на табелата резултатите беа поскромни. Во продолжение следеше период на турбуленции во клубот, што неминовно се одрази и врз формата на екипата, по што дојде и до промени во играчкиот кадар, како и оставка на главниот тренер. Во еден многу краток период ја презедов улогата на прв тренер. Иако моменталната позиција на табелата не е задоволителна и тимот се наоѓа во зоната на испаѓање, сметам дека без настанатите предизвици ќе бевме значително погоре со повеќе освоени бодови. На последните три натпревари тимот настапи со ограничен број професионални играчи, дополнет со младинци од школата на клубот. Искрено сум задоволен од прикажаното залагање, дисциплина и однос – и од играчите и од стручниот штаб. Во однос на пролетниот дел, резултатите ќе зависат од квалитетното надополнување на тимот и задржувањето на дел од постојниот кадар. Сопствениците и раководството и понатаму покажуваат подготвеност да го поддржат клубот, а ние како стручен штаб ќе продолжиме да ја извршуваме нашата работа максимално професионално, со цел исполнување на зацртаните цели“ – изјави Божиновски.

ПретходноВИДЕОЛОТАРИЈА ЈА РЕАЛИЗИРАШЕ ТРАДИЦИОНАЛНАТА 25 КРВОДАРИТЕЛНА АКЦИЈА
СледноВисоки европски признанија за македонската џудо федерација