Пред само една година Роџерс Мато стана фудбалер на Вардар кога „црвено-црните“ се договорија со Брера на која и платија отштета од 100.000 евра за услугите на супер-брзиот фудбалер од Уганда. Крилниот напаѓач брзо стана миленик на навивачите на новиот клуб, почна да стрела на битни средби и да го води клубот кон опстанок во елитата и до пехарот во Купот на Македонија.
Мато летово имаше блескави игри на евро-сцената, а во есенскиот дел од шампионатот е прва виолина во шампионатот и најкорисен играч на „црвено-црните“.
„СПОРТСПОРТ“ дознава дека Роџерс Мато го обновил договорот со Вардар. Неговите обврки кон „црвено-црниот“ дрес истекуваа во јуни 2026 година, а со новиот потпис тој сега е врзан со клубот до идниот декември. Откупната клаузула од 500.000 евра сега е зголемена на 800.000 евра, но зголемена е и неговата плата која со новиот договор ја надмина цифрата од 100.000 евра годишно.
Фудбалерот кој за некој ден со Уганда ќе настапи во Купот на Африка и од настапите за националниот тим му носи приходи на клубот. Неговата повреда е минато, па така Мато по настапите за репрезентацијата ќе патува со Вардар на подготовките во Анталија. За разлика од него останатите двајца фудбалери од Уганда кои дојдоа во Вардар се светлосни години зад квалитетите и способноста кои ги има Мато.















