Некаде во јули,кога шампионот на Македонија ја стартуваше европската одисеја, ретко кој помислуваше а веројатно не и во таборот на Шкендија, дека во декември на крајот од годината, тетовци ќе бидат на чекор до пласман во 1/16 финалето или плеј – офот во Лигата на Конференции.
Но чекор чекор, четата на стратегот Јетон Беќири прво испиша клупска историја кога за првпат влезе во групна или лигашка фаза во едно европско натпреварување, а сега има шанса да испише историја и на мак – фудбалот. Да биде прв наш клуб кој успеал да дојде до европска пролет, односно да се најде во нокаут – фазата во Лигата на Конференции.
Шкендија вечерва на Кипар против силниот состав на АЕК Ларнака оди по добар резултат, Шкендија сака да ја продолжи европската бајка,сака пласман во плеј – офот. Со победа тоа ќе биде сигурно, со реми веројатноста е голема, а со пораз треба да чека да се “поклопат“ резултатите од останатите мечеви.
Секако дека шансата е тука, само треба да се искористи.
Добра вест за стручниот штаб на чело со Јетон Беќири е таа што за вечерашниот меч ќе може да смета Фабрис Тамба и Ибрахим Алхасан, кои го прескокнаа последниот меч со Слован поради картони.
Освен повредениот Ване Крстевски сите се во комбинација, секако дека Беќири ќе биде на слатки маки на кого да му укаже шанса за стартниот состав, посебно ако се знае дека на мечот со Слован сите што настапија беа фантастични.
Уште еднаш, мечот АЕК Ларнака – Шкендија се игра вечерва од 21 часот на „АЕК Арената“ во Ларнака, а судија ќе биде Манфредас Љуканчукас од Литванија.
Да и посакаме среќа на Шкендија која вечерва игра за себе, ама и за историјата на мак-фудбалот.
Затоа НАПРЕД ШКЕНДИЈА!










