Дури сега се гледа што значи тој примен гол во 90+10.минута со Јагелонија на Арената во Скопје. Ако останеше 1:0 за Шкендија, сега, пред вечерашниот меч со АЕК Ларнака, ќе правевме сигурни математики за тоа со кого ќе игра нашиот шампион во плеј – офот или 1/16 финалето во Лигата Конференции и ќе имаше сигурна европска пролет со 9 бодови без разлика каков ќе беше исходот вечерва во Ларнака.
Сепак Шкендија со сегашните седум бодови, во пресрет на последното вечерашно коло, се наоѓа на 21.место на табелата и не смее да падне под 24.место ако сака европска пролет.
А кои се математиките да биде барем на тоа 24.место?
Како прво Шкендија со победа над АЕК Ларнака на гости вечерва и дефинитивно е меѓу оние екипи кои одат во следната фаза. Тоа може да се случи, веројатноста е речиси 95 насто, и со реми.
Но ајде да го земеме најлошото сценарио, а тоа вели дека и ако Шкендија загуби сепак има големи шанси да оди во плеј – офот.
Како?
Па КуПС, Зрињски и Бредаблик, кои се од 25 до 27 место, и имаат шанси да “влезат“ меѓу оние 24 екипи, еве што треба да сторат. Да потсетиме КуПС има 6 бодови, исто како и Зрињски а Бреидаблик само 5.
КуПС вечерва игра на гости кај Кристал Палас и треба да загуби. Потоа Зрињски игра дома и не смее да го победи Рапид, може да одигра и реми ама тогаш Шкендија не смее да загуби со два или повеќе разлика. Бреидаблик игра на гости кај Стразбур и не смее да победи, може да игра и реми.
Во случај ако не се случи посакуваното сценарио, тогаш Шкендија ќе мора да се надева на порази на Сигма, Крајова и Линколн, сите овие три екипи имаат по седум бодови, но и послаба гол разлика од Шкендија и сите се од 22 до 24 место на табелата.
Најголема опасност за Шкендија доаѓа од Зрињски зошто игра дома и игра против последнопласираниот Рапид. Веројатно тимот од БиХ ќе победи, таму игра Дарко Велковски а тренер е Игор Штимац, и тогаш ќе мора една од овие три екипи Сигма (игра дома со Лех), Крајова (игра на гости кај АЕК Атина), Линколн (игра на гости кај Легија) да доживее пораз.
Тоа се сите математики.
Нас ни останува само да и посакаме среќа на Шкендија, не само да испише клупска историја туку да испише и историја на мак – фудбалот и за првпат да дојде до европска пролет, нешто што досег ниту еден наш клуб го нема направено.










