Јанакиевски: Градиме тим што ќе оди на победа против секого во Првата лига

139

Екипата на Башкими ги крои плановите за пролетниот дел од сезоната. Тренерот Баже Јанакиевски е дециден дека со соодветни засилувања и подготовки, кумановскиот состав ќе обезбеди опстанок во елитата и ќе прикаже фудбал по вкус на публиката.

Фудбалскиот клуб Башкими го заокружи првиот дел од сезоната во Првата македонска фудбалска лига на средината на табелата. Со биланс од 6 победи, 4 нерешени резултати и 6 порази, кумановци, кои по долга пауза се вратија во елитата, покажаа дека имаат потенцијал, но и осцилации кои мора да се коригираат.

По солидниот старт под водство на Муарем Муарем, тимот подоцна го презеде стратегот Баже Јанакиевски, кој даде реален осврт на досегашниот учинок:

„Ова беше солидна полусезона со реална позиција на табелата во Првата лига“, истакна Јанакиевски.

Иако финишот на есенскиот дел беше тежок – со три последователни порази и гол-разлика 1:12 – Јанакиевски верува во пресврт. Неговиот фокус сега е насочен кон преодниот рок и подигнување на нивото на игра.

„Амбициите се јасни, опстанок во сигурната зона. Затоа, мора да изградиме тим кој ќе биде способен да бара победа против која било екипа во Првата лига“, дециден е предводникот на Башкими.

Освен резултатите, за стручниот штаб е важен и впечатокот кај навивачите. Јанакиевски најавува офанзивен и атрактивен фудбал во пролетниот дел.

„Очекувам во продолжението од шампионатот Башкими да игра фудбал кој ќе ги задоволи вкусовите на нашата верна публика“, заклучи тој.

Башкими својата пролетна приказна ја започнува на домашен терен во Куманово, каде на 15 февруари ќе го пречека тимот на Пелистер.

 

ПретходноХаланд стана Дедо Мраз: Дава пакетчиња и ги теши навивачите на Јунајтед: „Сигурно имавте тешка година“!
СледноХристов: Прихолошкиот момент во Кавадарци беше клучен, напролет очекувам уште подобри резултати