Тричковски: “Се знае кој е фаворит, ама никој не смее да ја потцени Шкендија!“

433
ФОТО: AEL Limassol FC/FB

Шкендија вечерва во меч од 6.коло во Лигата на Конференции му гостува на АЕК Ларнака на Кипар. Меч по кој ќе се знае дали тетовци ќе имаат европска пролет или не. За тоа што може да се очекува од овој натпревар свој коментар за “СпортСпорт“ има Иван Тричковски. Нашиот некогашен репрезентативен напаѓач е вистинска легенда токму на АЕК Ларнака. Во тој клуб Тричко мина речиси 9 сезони и е клупски рекордер по број на настапи (297) и по бројот на постигнати голови (147).

Откако замина во играчка пензија, сега Тричко е генерален директор на фудбалскиот сектор во АЕЛ Лимасол.

Можам да кажам дека очекувам добар натпревар, секако дека ќе се одигра во една убава атмосфера“ потенцираше Тричковски и продолжи:

Се знае дека АЕК Ларнака е фаворит, голем фаворит. Имаат добар тим, имаат широк ростер и без разлика кој ќе настапи вечерва ќе го даде својот максимум. Знам дека одат на победа, тука нема дилеми“напоменува Тричко.

Секако дека и Шкендија си има свои шанси…

Да, апсолутно. Никој не смее да ја потцени Шкендија. Ако тетовци веќе дошле до тука, да се борат за пласман во плеј – офот во Лигата на Конференции, тоа мора да се респектира и почитува. Шкендија ако сака добар резултат вечерва ќе мора да го издржи почетниот притисок на домашниот состав, да одигра своја игра, едноставно да верува во себе. Сепак како што реков се знае кој е фаворит“.

Тричковски признава дека освен Бесарт Ибраими не е запознат во детали со тимот на Шкендија:

Да, но затоа и тоа како знам кој е Ибраими. Што да се каже за Бесарт со кого имам играно и во репрезентацијата? Иако вчера наполни 39 години тој и натаму е вистински пример за еден голем професионалец. На крај да кажам дека ако Шкендија оствари добар резултат, мислам дека и со пораз може да дојде до плеј – офот во зависност од останатите резултати, тоа ќе биде голем успех за самата Шкендија, но и за мак – фудбалот воопшто. Досега ниту една наша екипа не играла во Европа напролет“ заклучи Македонецот кој сега е еден од најважните луѓе во АЕЛ Лимасол.

Претходно„Марка“: Чаби си купи малку време, но Реал не изгледа добро
СледноТиаго Силва го напушти Флуминензе, сака да се врати вo Европа