Бенфика остро реагираше по контроверзната победа на градскиот ривал Спортинг против Санта Клара во натпревар од Купот на Португалија. Спортинг губеше сè до самата завршница, кога по маратонска, дванаесетминутна ВАР-проверка им беше досуден пенал. Голoт од белата точка го однесе натпреварот во продолженија, во кои Спортинг на крајот славеше и обезбеди пласман понатаму, што предизвика гнев во редовите на Бенфика.
„Уште една скандалозна епизода“, стои на почетокот од соопштението на Бенфика, во кое понатаму се наведува:
„Она што се случи на овој натпревар од Купот на Португалија е неодбранливо и неприфатливо за кредибилитетот на португалскиот фудбал. Дванаесет минути за да се пронајде пенал со цел да ѝ се помогне на истата екипа како и секогаш – повторно и повторно.
На истиот терен на кој минатата година очигледен и чист пенал против Спортинг не заслужи ниту внимание од ВАР и на кој, веќе оваа сезона, победи по „фантомски“ корнер. Феномени што се случуваат секојпат кога Спортинг не води.
Некој мора да преземе одговорност за овој целосен губиток на угледот што го убива португалскиот фудбал. Нема смисла ваква згуснатост на календарот ако натпреварувањата се одлучуваат уште пред воопшто да започнат.“
По ова соопштение, тензиите во португалскиот фудбал дополнително пораснаа, што најавува втор дел од сезоната исполнет со контроверзии, пишува шпанскиот AS во текст со наслов „Бенфика објави војна“.










