По денешниот дуел од германската Бундеслига меѓу Хамбургер и Ајнтрахт (Ф) (1:1), најмногу се зборува за восхитувачкиот потег на 18-годишниот хрватски дефанзивец Лука Вушковиќ, кој можеби му го спаси и животот на својот колега од противничката екипа Расмус Кристенсен, кој по тешкиот судир со Мухајм од Хамбургер, падна на теренот и почна да го голта јазикот.
Силниот судир на средина од второто полувреме предизвика вознемирувачки моменти на распродадениот „Фолкспаркстадион“, но дефанзивецот на Хамбургер, Лука Вушковиќ, брзо ја препозна ситуацијата, се стрча кон противничкиот фудбалер и го зграпчи за јазикот за да го извади од грлото. На теренот се стрча и медицински персонал од двата тима, кои потоа ја презедоа ситуацијата.
Кристенсен беше заменет неколку минути по судирот. Данецот ќе биде подложен на дополнителни преглед, а тренерот на Ајнтрахт (Ф), Топмелер му упати пофалби на Вушковиќ за брзата реакција.










