Борко Ристовски: Бојкотот кој што беше најавуван е од мала група на клубови со нивни лични амбиции

168
Фото: МИА

Министерот за Спорт, Борко Ристовски во интервју за МИА ги сумираше резултатите од изминатиот период и ги посочи приоритетите во работата за 2026 година. Тој отворено зборуваше за темата која „СпортСпорт“ ја отвори пред неколку дена. Добро е познато дека кошаркарските претставници заедно со раководството на КФСМ беа на средба со Ристовски околку неисплатата на субвенциите.

Во продолжение изворно ви го пренесуваме прашањето и одговорот на Министерот за Спорт.

Последните десетина дена актуелен беше најавуваниот бојкот на кошаркарските екипи кои изразија незадоволство поради недобивањето на финансиска помош од државата. Вие и пред вашето назначување кажавте дека Министерството финансиски ќе им помага само на екипите кои настапуваат на реномирани меѓународни натпреварувања. Дали се решени недоразбирањата со кошаркарските екипи и дали сѐ уште постои опасност од прекин на првенството?

„Бојкотот кој што беше најавуван беше најавуван од мала група на клубови со нивни лични амбиции и работи кои што сакаат да ги постигнат. Меѓутоа, имавме состанок, јас ги кажав ставовите на Министерството, на Владата, на државата. Не е точно дека субвенциите не се исплатени, тоа е апсолутно невистина. Вистината е дека субвенциите од 440 милиони денари Министерството за спорт ги исплати уште во април. Меѓутоа, сега станува збор за средства кои евентуално требаше да се доисплатат – уште околу 120-140 милиони денари – за да ја заокружиме бројката од 600 милиони денари. Но, никој не го напоменува тоа дека покрај исплатените 440 милиони денари субвенции, Министерството за спорт за прв пат пронајде нов начин за финансирање на клубовите, а тоа е преку игрите на среќа или лотариските игри. До сега тие пари не одеа директно во клубовите, а сега направивме тие средства да одат директно во клубовите. Тоа е сума од околу 300 милиони денари – мислам дека е повеќе, но да не згрешам – околу 300 милиони денари, што заедно со субвенциите дава вкупна бројка од 740-750 милиони денари директни субвенции во спортот.

Наместо претходно со ваучери да им даваме на спортските субјекти парче хартија за да одат да го менуваат по компании и фирми, сега обезбедивме директни средства. Тоа го направивме во рамки на измените на Законот каде што го променивме системот на функционирање и веќе клубовите и спортските субјекти добиваат директно пари од Министерството за спорт, а не парче хартија за ваучери. Тој дел на некои клубови им беше нејасен, но верувам дека сега им се разјасни работата. Не може да се функционира под притисок – барем не во ова време, не со Министерството за спорт, не со оваа Влада, не со мене како министер. Мислам дека притисоците треба да се користат за други, попродуктивни работи, а не за тоа дали некој ќе настапува или не. Проблемот е решен и сигурен сум дека ќе имаме плодна соработка и работа понатаму“, рече Ристовски.

Целото интервју можете да го прочитате на следниот ЛИНК. 

ПретходноМинесота и го нанесе третиот пораз на Оклахома (ВИДЕО)
СледноНемаше одличен бокс, но затоа заработија неверојатни пари