Ливерпул во Лондон водеше со 2:0, имаше играч повеќе (подоцна и двајца) и на крајот едвај успеа да го сочува водството за победа од 2:1.
Вечерва во Лондон видовме еден исклучително груб натпревар, два црвени картони, две принудни замени (кај Ливерпул) поради повреди и тешко остварени три бода за „црвените“. Откако по 20 минути немаше скоро никакви возбудувања, првите шанси дојдоа кон крајот на првиот дел, но до полувреме немаше погодоци. Во 33. минута Чави Симонс беше исклучен затоа што од зад грб стартуваше на ногат на Ван Дајк. Тоа беше непромислен потег на плејмејкерот на Тотенхем што ги чинеше неговиот тим во продолжението.
Веднаш на почетокот од второто полувреме, Александар Исак влезе во игра за „црвените“, а токму тој фудбалер донесе водство по асистенција на Вирц во 56. минута. Швеѓанецот воопшто не се радуваше, затоа што при постигнувањето на голот, го повреди коленото по стартот на Лукас Бергвал и мораше да го напушти теренот. На негово место на теренот се најде Џереми Фримпонг, кој се врати по долго отсуство и за кратко време забележа асистенција. Тој центрираше за Уго Екитике, кој ја продолжи својата одлична форма и го постигна петтиот гол во последните три дуели од Премиер лигата. Домашниот тим се жалеше на прекршок врз Кристијан Ромеро, но судијата немаше дилема.
Ливерпул немаше причина да брза, а Тотенхем немаше што да изгуби. Во 80-тата минута, Томас Франк направи замена и го внесе Ришарлисон на теренот, а Бразилецот погоди за 1:2 и мечот отиде вои вистинска драма. Домашниот тим со еден играч помалку успеа да го рпинуди Ливерпул да се брани, но во 86-тата минута, Ромеро направи глупав потег со удар на Конате и доби втор жолт картон. До крајот видовме многу тензија, а Ливерпул малку и на среќа дојде до победа.










