Британскиот боксер во тешка категорија Ентони Џошуа после шест рунди го нокаутира јутјуберот и боксерски почетник Џејк Пол во борба која од самиот почеток беше прогласена за една од најнееднаквите во историјата на боксот. Пол поголемиот дел од борбата ја помина избегнувајќи конфронтација, но на крајот подлегна на моќта на двократниот светски шампион.
Џошуа изгледаше сè пофрустрирано додека Пол ја избегнуваше борбата и танцуваше низ рингот. Сепак, британскиот боксер конечно победи, соборувајќи го јутјуберот-боксер двапати во петтата рунда. Пол повторно беше долу во шестата пред Џошуа да го удри со моќен, чист десен удар што нагло ја заврши надреалната ноќ во Мајами.
Тоа беше борба во која не се гледаше одличен бокс, но им донесе на борците неверојатни пари. Според повеќе извори, Џошуа и Пол ја поделија наградата од 184 милиони долари меѓу себе, што значи дека секој од нив од борбата е побогат за 92 милиони долари.
„Се забавував одлично, а Ентони Џошуа е одличен борец. Ме победи, но тоа е спорт. Скршена ми е вилицата, но не е важно. Ќе се вратам и ќе ја освојам светската титула“, рече Пол по борбата.










