Пол и Џошуа се суспендирани!

139
Фото: Нетфликс

Џејк Пол и Ентони Џошуа се привремено суспендирани од Атлетската комисија на сојузната држава Флорида веднаш по нивниот боксерски меч, кој се одржа во петокот навечер. Џошуа во шестата рунда го нокаутираше Пол и при тоа му ја скрши вилицата, што автоматски доведе до медицински суспензии за двајцата боксери.

Иако мечот на хартија претставуваше огромен дисбаланс, на двократниот обединет светски шампион во тешка категорија му беа потребни речиси шест цели рунди за конечно да го запре јутјуберот. Пол по борбата се огласи на социјалните мрежи со видео директно од рингот, покажувајќи ја тешката повреда на вилицата. По победата, Џошуа ја искористи приликата и го предизвика Тајсон Фјури на меч.

Бидејќи борбата се одржа во „Касеја Центарот“ во Мајами, таа беше под надзор на Атлетската комисија на Флорида. Според нивните правила, кои се во согласност со препораките на Асоцијацијата на боксерски комисии, двајцата боксери – без разлика на исходот – мора да поминат задолжителен период на одмор од најмалку седум дена.

Со оглед на тоа што Пол претрпе тежок нокаут, најверојатно ќе добие значително подолга суспензија – најмалку 45 дена, а можно е таа да биде продолжена на 60 или дури повеќе од 90 дена, во зависност од деталната лекарска проценка. Слична ситуација се случи и минатата година, кога по прекинот против Мајк Пери во истата сојузна држава доби суспензија од 60 дена.

Од друга страна, Ентони Џошуа во борбата не претрпе значителна штета и се очекува неговата суспензија да биде значително пократка. За време на мечот го собори Пол четири пати пред конечно да го запре. Откако ќе ја помине лекарската проценка, неговата суспензија најверојатно брзо ќе биде укината, слично како што беше случајот со Пол по борбата со Пери.

ПретходноЛиверпул носи ѕвезда на Баерн од 65 милиони долари?
СледноСпортот не е „бојно поле“ – вистински пример за тоа е Милан Лазаревски (ВИДЕО)