ФФМ првпат по две децении со сепфатен развоен семинар за перспективни судии

231
ФОТО: FFM.MK

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), преку Одборот на судии, во периодот од 20. до 22. декември 2025 година, реализираше специјализиран семинар за млади, талентирани и перспективни главни и асистент судии од регионалните трети лиги.
На семинарот учествуваа вкупно 22 судии и асистенти судии, номинирани од страна на судиските одбори на регионалните лиги, согласно претходно јасно дефинирани критериуми и компетенции кои секој кандидат задолжително треба да ги поседува.

Семинарот е конципиран како интензивна и целосно интегрирана едукативна програма, чија основна цел е унапредување на знаењата, вештините и професионалните стандарди на младите судии, преку современ пристап во едукацијата и практичната работа. Активностите се реализираа интерактивно, преку повеќе теоретски едукативни сесии од Правилата на фудбалската игра, анализа на конкретни ситуации, дискусии, како и практични примери, со цел правилна интерпретација и конзистентна примена на Правилата.

Посебен акцент беше ставен на физичката подготвеност, како еден од клучните предуслови за успешно, безбедно и квалитетно извршување на судиските задачи на натпреварите. Во таа насока, програмата предвидува спроведување на повеќе структурирани фитнес сесии, контролни и дијагностички тестирања, како и практични активности на терен, насочени кон развој и одржување на издржливоста, брзината, агилноста и специфичните движења кои произлегуваат од динамиката на фудбалската игра. Дополнително, преку индивидуални мерења на физичките параметри, на секој судија му се обезбедуваат стручни и конкретни насоки за оптимизирање на тренажниот процес, превенција од повреди и одржување на стабилно ниво на физичка форма во текот на целата сезона, со цел обезбедување континуитет и усогласеност со пропишаните фитнес стандарди.

За првпат, Одборот на судии на ФФМ спроведе и целосно дигитализирано тестирање на знаењата од Правилата на фудбалската игра, кое вклучуваше теоретски тест и видео тест со ситуации. Тестирањето беше реализирано преку наменски развиена мобилна апликација, при што секој кандидат веднаш по завршување на тестовите доби увид во сопствените резултати преку својот индивидуален профил. Овој иновативен пристап претставува значаен исчекор кон модернизација и дигитализација на судиската едукација.

Учесниците на семинарот беа срдечно поздравени со присуство на Горан Пандев, спортски директор на националните селекции.

Она што навистина вреди да се напомене е дека ваква форма на организиран и структуриран семинар за млади и перспективни судии се одржува за првпат по повеќе од 20 години, што уште еднаш ја потврдува јасната стратегиска определба на Фудбалската федерација на Македонија за континуирано вложување во развојот на судењето, подигање на квалитетот и градење на високи професионални стандарди за работа, со што ФФМ преку Одборот на судии, останува посветена на создавање на силна, едуцирана и професионална судиска организација.

ПретходноХаман: Вирц нема да успее во Ливерпул, најдобро да си оди на лето
СледноДејан Станковиќ и официјално нов тренер на Црвена Звезда