Реконструирани спортските игралишта во СД „Гоце Делчев“ во Скопје

41

Министерот за спорт Борко Ристовски и градоначалникот на општина Карпош, Сотир Лукровски, денеска официјално ги пуштија во употреба реконструираните спортски игралишта во Студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје.

Министерството за спорт одговори на барањето на студентите и заедно со Општина Карпош ја реализира најавената инвестиција со која е извршена комплетна санација и реконструкција на просторот за спорт и рекреација во најголемиот државен студентски дом.

Со оваа инвестиција, студентите добија современо уредени игралишта за фудбал и кошарка со полипропиленски под, изведени според современи стандарди.

Министерот Ристовски ја истакна добрата соработка на Министерството за спорт со локалната самоуправа во реализацијата на овие инфраструктурни проекти кои овозможуваат активен и здрав живот на сите граѓани, особено на младата популација.

– Заедно со градоначалникот Лукровски го реализиравме овој проект со што значително ќе се подобри инфраструктурата на ова спортско игралиште во состав на студентскиот дом „ Гоце Делчев“. Секако , приоритет за ползување на истото, ќе имаат студентите од овој студентски дом, но и сите карпошани. Затоа, јас како министер и ние како министерство и во иднина постојано ќе се заложуваме и ќе инвестираме во подобрување на условите за спортските активности – нагласи Ристовски.

Министерот Борко Ристовски и градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски заеднички се согласија дека успешната соработка меѓу локалната самоуправа и ресорното министерство ќе продолжи и во иднина, со тоа што ќе се работи на подобрување на севкупната спортска инфраструктурна мрежа на територијата на Општината.

Реконструкцијата на спортските игралишта во СД „Гоце Делчев“ е уште еден реализиран проект од програма на Министерството за спорт за изградба и реконструкција на спортската инфраструктура низ целата држава, со цел подобрување на условите за спорт, рекреација и активен начин на живот.

За подобрување на условите за универзитетскиот спорт и за студентите, Министерството за спорт ја почна и постапката за реконструкција на спортската сала во кампусот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје што ја спроведува во соработка со ректоратот на УКИМ. Реконструкцијата на салата на УКИМ треба да биде завршена во текот на наредната година и таа одново ќе биде ставена на располагање на над 4000 студенти за спроведување на наставата и за одржување на други спортски активности.

ПретходноШефот на Ла Лига: “Само Реал Мадрид прави тензии!“
СледноКУП „БЛАГОЈА ГЕОРГИЕВСКИ-БУШТУР“ – МАЖИ: МКК Куманово и Ангели ќе ја стартуваат елиминациската рунда