Во изминатиот период се одржа работен состанок помеѓу раководните претставници на ФИБА Европа и претставници на Македонската кошаркарска федерација, на кој од страна на нашата федерација учествуваа потпретседателот Младен Ѓуроски и генералниот секретар Томче Стојчевски.
На состанокот во Минхен, беше истакната високата оценка за досегашната соработка помеѓу ФИБА Европа и Македонската кошаркарска федерација, која беше оценета како успешна и континуирана. Притоа беа анализирани позитивните практики и квалитетните облици на соработка реализирани во изминатиот период.
Посебен акцент беше ставен на потребата од понатамошно унапредување на односите и вложување заеднички напори за усогласување на актите и регулативите на ФИБА со актите и внатрешните прописи на Македонската кошаркарска федерација, со цел подобрување на функционалноста, транспарентноста и усогласеноста во работењето.
Двете страни ја потврдија подготвеноста за продолжување и продлабочување на соработката и во наредниот период, во интерес на развојот на кошарката и унапредувањето на организациските и спортските стандарди.
Македонската кошаркарска федерација ќе продолжи активно да соработува со ФИБА Европа и да работи на имплементација на договорените насоки и препораки.










