ИСТОРИЈА (јули 1983): Рингов е единствениот Македонец кој играл за Пари Сен Жермен!!!

144

Пишува: Зоран Ѓоршоски

За Васил Рингов, легендарниот фудбалер на Вардар, еден од нашите фудбалски гиганти, член на веројатно “најпеколниот тандем“ Рингов – Панчев што Македонија го имала, речиси се се знае. Играл за Беласица, Партизан, Тетекс, Вардар, Динамо Загреб, Ајнтрахт Брауншвајг, но ретко кој знае дека во јули 1983 година го носеше дресот на славниот Пари Сен Жермен. И тоа на стадионот “Паркот на Принцовите“ на еден меѓународен турнир на кој учествуваа ПСЖ, Ботафого, Макаби Нетанија и селекцијата на Романија.

ИМАВ РАЗГОВОРИ СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ БОРЕЛИ

Рингов специјално за СПОРМЕДИА истакна: “Уф, каде ли го исчепкавте тоа. Па тоа беше пред речиси 40 години“ се запраша популарниот Васе кога му се јавивме да го прашаме дали е тоа вистина.

Да, секако. Тоа ретко кој го знае. Играв два меча за ПСЖ на тој турнир, и тоа заедно со Сафет Сушиќ, познатиот Фернандез и други големи француски ѕвезди. Бев многу блиску до потпис, имав разговор со тогашниот претседател на клубот Франсис Борели, еден од најславните претседатели на клубот од Париз во историјата. И се беше во ред, реков дека бев многу блиску да направам  мега – трансфер за тоа време. Имав искуство, квалитет, верба во себе, посебно откако одиграв добро на тој турнир.

Но, секогаш има едно но.

Тогаш во Париз бев со славниот менаџер Предраг Налетелиќ, татко на сегашниот менаџер Марко Налетелиќ. Тој имаше задача по секоја цена место во Париз, да ме однесе во Динамо Загреб, веројатно имаше некои игри, и затоа јас место во Париз завршив тој јули во Загреб, кај Ќиро Блажевиќ. Тогаш Динамо беше силен, најсилен во тогашна Југославија, а јас и Бошњак бевме најголемите засилувања во тогашниот ѕвезден тим на Динамо. Сепак после шест месеци се вратив во Скопје, и потоа се беше историја“ вели Рингов.

МЕСТО ТАНДЕМ СО СУШИЌ, СЛЕДУВА ПЕКОЛНИОТ ДВОЕЦ РИНГОВ – ПАНЧЕВ

Не, воопшто не ми е криво што така испадна. Па јас секогаш со радост и задоволство играв за Вардар.  Каков ли тим имавме тогаш до таа 1987 година, кога бевме и шампиони на Југославија“ не е разочаран Васе.

-Дали ако останеше во Париз, ни Панчев немаше да стане тоа што стана,посебно во Вардар?

Ха, ха, ха… ова е провокативно прашање. Не, не апсолутно. И за Сафет кој имаше прекар Папе, и за Даре, јас имам навистина супер мислење, и како луѓе и како фудбалери. Тоа се едни од најдобрите фудбалери во историјата на поранешна Југославија, играа заедно и на СП во Италија. Секако дека сум среќен што имав чест да бидам во тандем со Панчев во најславните денови од Вардар, но секако се прашувам еве веќе 37 години, што ќе беше ако тогаш тоа лето 1983 година останев во “Паркот на Принцовите“. Од друга страна јас сум презадоволен од мојата играчка кариера, се радував на успеси, играв во мојот омилен тим во неколку наврати и верувајте дека тоа ме прави целосно исполнет“.

 

НЕЗГОДА СО КОЛКОТ, СЕГА Е ВО ГИПС, ЛЕЖИ ДОМА..

Кога му се јавивме на Васе тој не беше премногу расположен за шеги како што го знаеме.

Ама имаше и голема причина за такво нешто.

Не ме прашувајте како сум. Еве лежам дома, ногата ми е во гипс. И порано имавм проблеми со колкот, пред две недели паднав и мораше да бидам хоспитализиран. Сега сум подобар, но ете , по малку ми е досадно, но мора да се издржи. Посебно и мене веќе ми е преку глава од ова кризата со коронавирусот. Едвај чекам да почнеме нормално да живееме како порано“ изјави за СПОРТМЕДИА славниот Васил Рингов.

 

 

ПретходноБалканот се простува од легендарниот Рингов
СледноФерари си има проблем: Договорот со Хамилтон бил до крајот на 2028, а платата е 55 милиони евра годишно!