Веселин Вујовиќ со луд предлог: Два гола со еден шут? (ВИДЕО)

135

Легендарниот ракометен тренер Веселин Вујовиќ повторно ја разбранува ракометната јавност со идеја која, доколку се реализира, може да се нарече вистинска револуција.

Вујовиќ предлага воведување нова линија на 9,25 метри, од која погодокот би вредел два гола наместо еден. По примерот на тројката во кошарката, оваа идеја има за цел да ги направи завршниците на натпреварите подинамични, понеизвесни и тактички побогати.

Според неговото мислење, современиот ракомет премногу често во завршниците влегува во предвидлив шаблон, во кој екипите што водат рутински го „затвораат“ натпреварот, додека тимот што заостанува нема реален механизам да се врати во игра.

„Јас побарав да се воведе една нова линија на 9,25 метри од која погодокот ќе вреди два гола. И тогаш, на пример, губиш со четири разлика на минута и пол до крај – не е готово. Крилото трча во контранапад, нема да скокне од шест, туку од десет метри за да постигне два гола. Нешто ќе се случи“, објасни Вујовиќ.

Искусниот стручњак нагласува дека на ракометот му недостасува токму тој елемент на непредвидливост, моментот кога „нешто мора да се случи“, а не завршниците да минуваат без вистинска драма. Според него, правилата во моментов не оставаат доволно простор тренерите тактички да влијаат во клучните моменти од натпреварот.

Вујовиќ се осврна и на системот на тајм-аути, правејќи паралела со НБА лигата.

„Тие ти дозволуваат да имаш три тајм-аути… Зошто кај нас да не ми дозволат во последните два напади да ја подготвам мојата екипа за два, како што тоа го прават во НБА“.

Идејата за „ракометна двојка“ сигурно би предизвикала бројни полемики – од прашања за фер-плеј, преку влијанието врз тактиката, до промена на профилот на играчите кои би станале клучни во завршниците. Сепак, таа доаѓа од човек чии зборови во ракометниот свет се слушаат со особено внимание.

Дали ракометот е подготвен за ваква промена, останува отворено прашање.

ПретходноРакометарите се „пакуваат“ – следна дестинација е Пореч
СледноЗошто Реал Мадрид нема да го купи Халанд? Перез е ладен и јасен!