Лос Анџелес Лејкерси го претрпеа третиот пораз по ред. На Божиќ загубија од Хјустон Рокетс со 96:119 на домашен терен. Лука Дончиќ се врати во тимот на Лејкерси по повреда, но не можеше да му помогне на тимот на Џеј Џеј Редик да ја прекине серијата порази.
„Не знам што треба да промениме, но дефинитивно мора да направиме нешто. Тешко ни беше во последните три натпревари. Изгледаме катастрофално. Мора да разговараме и да сфатиме што треба да правиме. Тренерот ни рече дека ќе биде непријатно. И така треба да биде. Сите мора да дадеме се од себе, прво јас“, рече Дончиќ.
Словенецот, водечкиот стрелец во НБА, го заврши натпреварот со 25 поени, пет скока и седум асистенции, но тој предаде шест топки. Лејкерси се четврти во Западната конференција на НБА со 19 победи и десет порази.










