Според грчкиот новинар Георге Царухас, македонскиот фудбалски репрезентативец Јани Атанасов најверојатно ќе си замине од екипата на АЕ Лариса.
Само пет месеци откако дојде во грчкиот клуб, Атанасов е на излезна врата и по се изгледа ќе се врати во Полска. Царухас пишува дека 26-годишниот играч за врска го изгуби местото во стартната постава на Лариса и, во комбинација со специфичен дисциплински прекршок што го направил пред еден месец на тренинг, дефинитивно ја заврши својата епизода во грчкиот клуб.
Според информациите од околината на играчот, тој веќе бара враќање во полското првенство и голема е веројатноста да заигра за Краковија, од каде и дојде во Грција.










